20 Јан Европски суд на ревизори: поддршката на ЕУ за владеење на правото во земјите на Западниот Балкан нема влијание
Европскиот суд на ревизори објави на 10.01.2022 година Специјален извештај на тема „Поддршка на ЕУ за владеењето на правото во земјите на Западниот Балкан: и покрај вложените напори, основните проблеми остануваат“.
Во извештајот се опфатени компонентите на владеењето на правото на правдата и судството, борбата против корупцијата и човековите права, имено пристапот до правда и слободата на изразување. Поконкретно, во извештајот беше дадена оценка дали поддршката е добро осмислена и дали се постигнати планираните резултати.
Во суштина беше откриено дека иако активностите на ЕУ придонеле за реформи во стручните и оперативните области, како што се подобрувањето на ефикасноста на судството и изготвување на релевантното законодавство, тоа имало мало севкупно влијание врз основните реформи за владеење на правото во регионот. Клучна причина за ова е недоволната политичка волја на национално ниво да се поттикнат потребните реформи.
Приоритетите на Комисијата за владеење на правото ги споделуваат и други меѓународни организации, тинк-тенк организации и граѓански организации. И покрај ова, поддршката на ЕУ во поединечните земји за дејствување на граѓанското општество за зацврстување на начелото на владеење на правото е недоволна за задоволување на потребите во оваа област, а нејзиното влијание не се следи темелно. Здрава средина во која функционираат медиумите и граѓанското општество е неопходна за промовирање на демократските принципи и потребата од промени на патот кон членство во ЕУ. Сепак, слободата на изразување е област во која е постигнат најмал напредок во сите шест земји. Во некои од нив, јавната поддршка за реформите кои се неопходни за приклучување кон Унијата опаѓа.
Европскиот суд на ревизори препорачува Комисијата и Европската служба за надворешно дејствување да работат на:
- зајакнување на механизмот за промовирање на реформите за владеење на правото во рамките на процесот на проширување;
- интензивирање на поддршката за граѓанското општество ангажирано во реформите за владеење на правото и обезбедување на независност на медиумите;
- зајакнување на известувањето и следењето на проектот.
Целосниот извештај можете да го најдете овде:
https://www.eca.europa.eu/Lists/ECADocuments/SR22_01/SR_ROL-Balkans_EN.pdf
Преземено од веб-сајтот на Европскиот суд на ревизори