Екстрадицијата на подносител на жалба од Грузија би довело до повреда на членот 3 поради можното казнување со камшикување

Во случајот Г.С. против Бугарија (жалба бр. 36538/17), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека би дошло до повреда на членот 3 (забрана на мачење и нечовечко или понижувачко постапување) од Европската конвенција за Човековите права доколку подносителот би бил екстрадиран во Иран поради можната казна што го чека таму.

Жалителот, г-дин Г.С., е грузиски државјанин кој во моментов е притворен во затвор во Софија во очекување на неговата екстрадиција во Иран под обвинение за кражба. Тој беше уапсен на аеродромот во Софија врз основа на црвена потерница на Интерпол.

Во април 2017 година Градскиот суд во Софија го одобрил барањето за екстрадиција, констатирајќи дека се исполнети сите формални услови, и забележал дека иранските власти дале гаранции дека жалителот нема да се соочи со мачење или нечовечко постапување. Меѓутоа, екстрадицијата на жалителот беше запрена во мај 2017 година врз основа на времена мерка наложена од страна на Европскиот суд за човекови права согласно Правило 39 од Деловникот на Судот, со што Судот и’ укажа на бугарската влада дека жалителот не треба да биде екстрадиран за времетраењето на постапката пред ЕСЧП.

Потпирајќи се на член 3 (забрана на мачење и на нечовечко или понижувачко постапување), г-дин Г.С. навел особено дека бугарските власти не го процениле ризикот од негово малтретирање доколку биде екстрадиран во Иран, иако е добро познато дека казната за кражба во таа земја е до 74 удари со камшик.

Судот особено утврдил дека бугарските судови едноставно претпоставиле дека единствената казна за жалителот во Иран ќе биде затворска казна. Сепак, кривичното дело за кое е тој обвинет, имено кражба, е исто така казниво со камшикување.

Всушност, постоеше ризик тој да биде осуден на до 74 удари со камшик, земајќи ги предвид меѓународните извештаи и другите информации кои покажуваат дека камшикувањето е вообичаено во Иран, а иранските власти истото го сметаат за легитимна форма на казна.

Покрај тоа, за разлика од бугарските власти, Судот имаше длабоки сомневања во врска со дадените гаранции дека тој нема да биде изложен на мачење од страна на една држава во која таквиот третман е ендемичен или постојан. Така, Судот сметаше дека е јасно дека одлуката за екстрадиција на жалителот во Иран, доколку се спроведе, би предизвикала кршење на членот 3 од Конвенцијата поради можното казнување со камшикување во матичната држава.

Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права