„Еуропрајд“ во Белград – завршен говор на Комесарката за човекови права на Советот на Европа

На завршната сесија на Меѓународната конференција за човекови права што се одржа во Белград за Еуропрајд 2022 година, говор одржа Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, при што ги истакна сите предизвици кои се случија при подготовката на „Еуропрајд“.

Комесарката изјави дека „овој ‘Еуропрајд’ мина низ многу подеми и падови. Започна во 2019 година со позитивна нота, кога овој паневропски настан за прв пат ѝ беше доверен на земја од Југоисточна Европа, со поддршка на српските власти. Тоа претставуваше силен сигнал дека еднаквоста напредува.“ Таа додаде дека во текот на изминатите неколку недели Еуропрајд се соочи со политичко назадување, искажување на омраза, па дури и забрана на маршот од страна на српските власти. Парадите на гордоста овозможуваат припадниците на ЛГБТИ заедницата во една земја да бидат видени и да почувствуваат солидарност; тие им даваат глас на оние чии права премногу често се игнорираат или се прекршуваат. Се работи за борба против заблуди и предрасуди. Важно е да се потсетиме на овие успеси кога времињата изгледаат мрачни. Но, отпорот кон овогодинешниот „Еуропрајд“ е остар потсетник дека работата не е завршена и дека минуваме низ тешки времиња.

Комесарката во својот говор го постави прашањето зошто дошло до ненадејниот пресврт на одлуката на српските власти во последен момент и на што се должела долгата неизвесност и контрадикторните пораки од различни власти. „Заплашувањето во текот на последните денови е жално“, изјави таа. „Тоа е сосема спротивно на обврските на властите да ги штитат човековите права на ЛГБТ лицата. Нападите против човековите права на припадниците на ЛГБТИ заедницата се дел од поопштиот тренд, кој настојува да ги поткопа човековите права.“ Таа го осуди искористувањето на ЛГБТИ популацијата како жртвено јагне од страна на бескрупулозните политичари за политичка корист.

Комесарката истакна дека онаму каде што се загрозени правата на ЛГБТИ лицата, загрозени се и правата на жените, како и правата на мигрантите и на другите малцинства; граѓанското општество е под притисок, а слободата на медиумите е ослабена. Оние кои се противат на правата на ЛГБТИ заедницата не ја почитуваат посветеноста на човековите права воопшто. Нивните постапки се во спротивност со нашите заеднички европски вредности на достоинство, вклученост, еднаквост и почитување на владеењето на правото. Затоа „Еуропрајд“ е толку важен во проширувањето на ефективно почитување на европските стандарди во целиот регион и во спротивставувањето на овие негативни трендови.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права