Запленувањето и задржувањето на сервер заради кривична истрага не било во согласност со Конвенцијата

Во предметот Пендов против Бугарија (жалба бр. 44229/11 од 26/03/2020) Европскиот суд за човекови права утврди дека дошло до кршење на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на сопственоста) од Европската конвенција за човекови права („Конвенција“) и член 10 (слобода на изразување) од Конвенцијата.

Жалителот Лазар Пендов е бугарски државјанин кој е роден во 1986 година и живее во Пловдив (Бугарија).

Предметот се однесуваше на полициското запленување и задржување на сервер на кој биле хостирани вебсајтови. Во јуни 2010 година, полицијата запленила сервер кој делумно бил домаќин на веб-сајт преку кој наводно била поставена книга на интернет и со тоа биле прекршени авторските права. Серверот, исто така, бил домаќин на веб-сајт посветен на јапонската аниме култура, чиј сопственик и администратор бил жалителот. Тој поднел повеќекратни барања за враќање на серверот, жалејќи се дека неговиот веб-сајт не може да функционира без податоците на серверот и наведувајќи дека претрпел „значителна штета“. Канцеларијата на Главниот јавен обвинител на крајот спровела истрага во врска со неговите претставки и серверот му бил вратен во февруари 2011 година. Тој, сепак, поднел жалба во врска со заплената и задржувањето на серверот.

Судот изјавил дека член 1 од Протоколот бр. 1 не забранува задржување на физички докази во контекст на тековна кривична истрага. Сепак, таквата мерка, која се однесува на контрола врз користењето на сопственоста, мора да биде во согласност со барањата од член 1 од Протоколот бр. 1. Во конкретниот предмет, серверот на апликантот бил задржан од органите на прогонот за во согласност со членот 111 од Кривичниот законик. Таквото задржување било направено врз основа на домашното право. Затоа,  главното прашање е дали мерката била сразмерна.

Фактот дека серверот на жалителот никогаш не бил предмет на претрес за целите на кривичната истрага која не била насочена против него, туку против трети лица, можноста за копирање на потребните податоци, важноста на серверот за професионална активност на жалителот, како и делумната неактивност на Окружното јавно обвинителство во Софија упатуваат на заклучокот дека задржувањето на серверот на жалителот во периодот помеѓу 21 јуни 2010 год. и 8 февруари 2011 год. бил несразмерно. На тој начин, националните власти не успеале да ја постигнат потребната правична рамнотежа помеѓу легитимната цел во предметот и правата на жалителот во контекст на кршењето на член 1 од Протоколот бр. 1.

Владата, исто така, истакна дека жалителот не бил новинар, свиркач или друго лице на кое му било потребно повисоко ниво на заштита. Точно е дека неговиот изразо бил уметнички, и како таков, не уживал високо ниво на заштита како и политичкиот дискурс. Како и да е, во околностите на конкретниот случај, ваквото расудување е недоволно за да се постигне рамнотежа во корист на Владата.

Судот уште еднаш истакна дека задржувањето на серверот на жалителот во кривичната постапка се покажало како непотребно за целите на истрагата и дека во одреден временски период органите на прогонот не се обиделе да ги отстранат ефектите од нивните постапки врз слободата на изразување на жалителот, и покрај тоа што во многу наврати биле информирани за тие ефекти. Горенаведеното значи дека мешањето во правото на жалителот на слобода на изразување, како што е овде дефинирано, не било мерка пропорционална со легитимните цели кои се сакало да се постигнат. Оттаму,  истото не било „неопходно во едно демократско општество“ според членот 10 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права