Заштита на приватниот живот на жртвата во постапка која се однесува на силување

Во предметот Мраовиќ против Хрватска (жалба бр. 30373/13) Европскиот суд за човекови права, со шест наспроти еден глас, утврди дека не дошло до повреда на член 6, став 1 (право на правично судење) од Европската Конвенција за човекови права. Судот утврди дека образложението на домашниот суд за исклучување на јавноста од постапката, имено заради  заштита на приватниот живот на жртвата, било разумно.

Предметот се однесуваше на балансирањето помеѓу правото на жалителот на јавна расправа во постапката која се водела против него, под обвинение за силување, од една страна, и правото на жртвата на заштита на приватниот живот, од друга.

Потпирајќи се на член 6, став 1 (право на правично судење), г-дин Маровиќ се жалел дека домашните судови ја оправдале својата одлука да ја исклучат јавноста од расправата во неговиот предмет само со потребата да се заштити приватниот живот на жртвата, без притоа да се постигне рамнотежа меѓу ова право на жртвата и  неговото право на јавна расправа.

Прво, Судот ја истакна важноста на заштитата на правата на жртвите на сексуална злоупотреба во кривична постапка. Поконкретно, правосудниот систем не треба да ги зголемува страдањата на жртвите на кривични дела или да ги обесхрабрува да пријавуваат инциденти.

Судот, исто така, прифати дека државата имала обврска да обезбеди уште повисок степен на заштита на жртвата во овој случај, со оглед на тоа што полициските власти ја нарушиле нејзината приватност со незаконското објавување на нејзините лични информации уште на самиот почеток на предметот. Покрај тоа, таквите информации можеле да бидат откриени во која било фаза на кривичната постапка, не само за време на вкрстеното испитување на жртвата. Затоа, затворањето само на дел од постапката не би било доволно за да се заштити таа од понатамошно посрамување и стигматизација.

Судот изрази задоволство што домашниот суд користејќи ги своите дискрециски овластувања донел одлука дека постапката не треба да се води во присуство на јавноста, а тоа не било некомпатибилно со правата на жалителот, и го оцени како разумен ставот на домашниот суд дека таквиот пристап бил потребен за да се заштити приватниот живот на жртвата. Покрај тоа, таквиот пристап е во согласност со важечките стандарди на ЕУ и важечките меѓународни стандарди за ова прашање.

Оттаму, овде не е утврдена повреда на членот 6 став 1 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права