ИЛГА Европа го критикува Западниот Балкан за уназадување на правата на ЛГБТ заедницата

Европската организација за правата на ЛГБТ, ИЛГА Европа ги критикуваше Србија и Турција за нивното справување со правата на ЛГБТ заедницата во нејзиниот најнова извештај насловен „Мапа  и индекс на Виножито“, објавен на 11.05.2023 година.

Во извештајот се вели дека предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТ заедниците во овие земји „се забележливи и во оспорувањето на слободата на собирање во услови на пораст на антидемократските сили“.

„Србија, која беше домаќин на сериозно компромитираниот марш „ЕуроПрајд“, откако српскиот претседател и министерот за внатрешни работи се обидоа во последен момент да го забранат настанот, падна за три позиции, додека Турција останува рангирана речиси на самото дно по уште една година задушување на „Прајд“ собири, што покажува дека во 2023 година основното право на собирање на јавен простор сè уште не може да се земе здраво за готово,“ вели ИЛГА-Европа во соопштение за медиумите.

Иако Србија беше критикувана за справувањето со маршот, таа постигна подобри резултати од некои балкански членки на ЕУ, како Романија, Бугарија и Унгарија, кои постигнаа 18, 20, односно 30 отсто.

ИЛГА-Европа откри дека, иако јавниот дискурс станува се пополаризиран и насилен, особено против транс луѓето, политичката одлучност за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата дава резултати. На мапата, најголем напредок имаат остварено земјите кои имаат воведено правно признавање на полот (LGR) по пат на модел на самоопределување.

Според објавената мапа, состојбата не е толку добра ниту во другите земји од регионот. Албанија, Србија и Косово постигнаа 35 отсто, додека Северна Македонија постигна 29 отсто, а, Босна и Херцеговина 40 отсто.

Во извештајот се нотира дека, за време на гласањето за многу дебатираниот нацрт-граѓански законик во косовскиот парламент, пратеник на владејачката партија Ветевендосје изјавил дека бракот мора да биде помеѓу маж и жена, во спротивно, заедницата е „морална дегенерација“. Исто така, се забележува дека шефицата на парламентарната комисија за човекови права на Косово изјавила дека таа не може да гласа за законик што дозволува истополови бракови, бидејќи „не можам да одам против религијата на која припаѓам, начелата според кои живеам или против семејните вредности со кои пораснав“.

За Северна Македонија, во извештајот се вели дека говорот на омраза и натаму претставува сериозен проблем и дека наишол на слаба реакција од страна на властите.

Во Црна Гора, „анти-ЛГБТ и мизогинската политичка реторика продолжува да претставува сериозен проблем“. Сепак, Црна Гора е највисоко рангирана земја во регионот, со 61 процент.

ИЛГА-Европа е независна, меѓународна невладина чадор-организација која обединува над 600 организации од 54 земји ширум Европа и Централна Азија.

Преземено од веб-сајтот на БалканИнсајт