18 Сеп Лишувањето од родителското право довело до кршење на член 8 од Конвенцијата
Во предметот на Странд Лобен и други против Норвешка (жалба бр. 37283/13 од 10.09.2019 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) утврди дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).
Жалителите се Т. Странд Лобен и нејзиниот син Х. Предметот се однесуваше на одлуката на домашните власти да ú го укинат родителското право на мајката и да дозволат згрижувачко семејство да го посвои нејзиниот син. Кога се родил Џ., г-ѓа Странд Лобен се обратила до надлежните органи за заштита на децата и ја прифатила понудата да остане во семеен центар заради проценка во текот на првите месеци од животот на детето. Меѓутоа, еден месец откако се родило детото, таа решила да го напушти центарот. Властите го однеле бебето во центар за итна задолжителна грижа и итно го сместиле во згрижувачко семејство затоа што вработените во центарот изразиле загриженост дека бебето не добивало доволно храна за да преживее. Во 2011 година, Комисијата при Окружниот центар за социјална работа, составен од правник, психолог и лаик, одлучило да ú го одземе родителското право на жалителката и да го одобри посвојувањето на детото од страна на згрижувачкото семејство.
ЕСЧП конкретно утврди дека главната причина за постапувањето на властите била неможноста на мајката да правилно се грижи за својот син, особено ако се имаат предвид неговите посебни потреби затоа што тој бил ранливо дете. Сепак, ова образложение се засновало на ограничени докази со оглед на тоа што контактите меѓу мајката и синот по неговото сместување во згрижувачко семејство биле повремени.
Понатаму, ЕСЧП утврди дека не биле поднесени нови извештаи во кои би се испитала способноста на биолошката мајка да се грижи за Х., и покрај тоа што таа во меѓувреме се омажила и родила второ дете. При донесувањето на своите одлуки, судовите ги зеле предвид доказите на двајца психолози кои биле ангажирани како вештаци и кои ги изработиле извештаите за време на претходната постапка во 2010 година, но оттогаш не спровеле понатамошно вештачење. Само еден од овие извештаи се засновал на фактичко набудување на контактите на жалителката со Х. и тоа само во два наврати.
Покрај тоа, извештајот за ранливоста на Х. не содржел скоро никаква анализа и објаснување за тоа како Х. останал и понатаму ранлив и покрај тоа што тој бил под посебна грижа од својата трета година. Земајќи ги предвид сите околности, домашните власти не се обиделе да воспостават рамнотежа помеѓу интересите на детето и неговото биолошко семејство, ниту го зеле предвид развојот на семејниот живот на мајката. Затоа, во овој предмет Судот утврди повреда на член 8 од Конвенцијата во однос на обајцата жалители.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права