17 Сеп Нема повреда на правото да не се биде суден или казнуван двапати за исто дело во предмет кој се однесувал на семејно насилство
Предметот Галовиќ против Хрватска (жалба бр. 45512/11, 31.08.2021) се однесуваше на осудителните пресуди на жалителот за семејно насилство во неколку прекршочни постапки и во кривична постапка по подигнато обвинение.
Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека:
- не дошло до повреда на член 6 §§ 1 и 3 (б) и (в) (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права во однос на временскиот рок во кој жалителот морал да ја подготви својата одбрана пред седницата на апелациониот суд на која се одлучувало во неговиот предмет;
- дошло до повреда на членот 6 став 1 и 3 (в) од Конвенцијата во однос на отсуството на жалителот од седницата на апелациониот суд;
- и дека не дошло до повреда на членот 4 од Протоколот бр. 7 (да не се биде суден или казнуван двапати за исто дело во предмет) од Конвенцијата.
Судот поконкретно утврди дека двете постапки во случајот на жалителот биле дел од интегриран и кохерентен пристап кон семејното насилство, во согласност со хрватскиот закон. Таквиот интегриран систем дозволил казнување на жалителот за поединечни акти на насилство преку поблага мерка (одговор) во прекршочната постапка, која била проследена со построга кривична санкција за неговиот образец на однесување.
Помеѓу 2006 и 2008 година жалителот бил осуден за низа помали прекршоци за различни насилни напади врз неговите деца и сопруга. Тој бил уапсен и притворен во ноември 2008 година за време на прекшочната постапка и, меѓу другото, добил и затворски казни.
Судот забележа дека фактите во две од прекшочните постапки против жалителот биле делумно идентични со фактите во подоцнежните постапки покренати по обвинение. При оценувањето дали имало забрането дуплирање на постапките, Судот утврди дека
двата вида постапки што се воделе против жалителот биле комплементарни и предвидливи, како и дека биле доволно поврзани суштински и временски, за да се смета дека се дел од интегрална шема на санкции, во согласност со хрватскиот закон за дела поврзани со семејно насилство.
Поконкретно, прекршочните постапки требаше да се однесуваат на поединечен инцидент на семејно насилство за да се спречи понатамошна ескалација, додека кривичните постапки за континуирано семејно насилство биле покренати откако неговото незаконско однесување достигнало одредено ниво на сериозност со цел да се санкционира постојаниот модел на насилно однесување. Правниот систем во Хрватска овозможувал казнување и на поединечните дела, како и на образецот на однесување на жалителот на ефективен и пропорционален начин кој имал за цел да предизвика одвраќање на сторителот од извршување на слични дела во иднина. Оттука следува дека нема повреда на членот 4 од Протоколот број 7 на Конвенцијата.
Судот оцени дека временскиот период од четири дена од информирањето на жалителот за седницата на апелациониот суд и фактот што седницата што всушност и се одржала на закажаниот датум, не претставуваат ограничување на неговите права до степен да може да се каже дека тој немал правично судење. Според тоа, нема повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (б) и (в) од Конвенцијата, во врска со правното застапување во жалбената постапка и соодветно време и услови за подготовка на одбраната.
Што се однесува до отсуството на жалителот на седницата на жалбениот суд, Судот утврди повреда на член 6 став 1 и 3 (в) од Конвенцијата, во согласност со заклучоците на Судот и во други случаи против Хрватска кои се однесувале на слични прашања.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права