13 Дек Нема повреда на слободата на изразување во предмет против уредник на весник поради неискористување на правото на поединец да биде заборавен
Во предметот Бјанкарди против Италија (жалба бр. 77419/16, 25.11.2021 година) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека не дошло до повреда на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на „правото да се биде заборавен“. Жалителот, поранешен главен уредник на онлајн весник, беше прогласен за одговорен во граѓанска постапка заради тоа што задржал на веб-страницата на неговиот весник статија во која се известува за тепачка во ресторан и се даваат детали за последователната кривична постапка. Судовите особено забележале дека жалителот не ги деиндексирал ознаките на статијата, што значи дека секој можел да го внесе во пребарувачот името на ресторанот или неговиот сопственик и да има пристап до чувствителни информации за кривичната постапка, и покрај барањето на сопственикот да се отстрани статијата.
Судот посочи дека барањето од жалителот трајно да ја отстрани статијата не било спорно во домашните судови. Суштината на овој предмет беше неуспехот на жалителот да ги деиндексира информациите во врска со сопственикот на ресторанот и неговата одлука статијата да биде лесно достапна.
Судот посочи дека барањето од жалителот трајно да ја отстрани статијата не било спорно во домашните судови. Суштината на овој предмет беше неуспехот на жалителот да ги деиндексира информациите во врска со сопственикот на ресторанот и неговата одлука статијата да биде лесно достапна. Исто така, во овој предмет не беше спорна било каква интервенција во врска со анонимизирањето на статијата на интернет.
Тргнувајќи од таа почетна точка, Судот забележа дека статијата останала на интернет и била лесно достапна осум месеци, и покрај барањето на подносителот на тужбата (во граѓанската постапка) истата да биде отстранета. Понатаму, според важечкиот домашен закон, правото на жалителот да шири информации се намалувало со текот на времето, додека правото на подносителот на тужбата на почитување на неговата репутација се зголемило.
Исто така, објавените информации, кои се однесуваале на кривична постапка против приватно лице, биле од чувствителна природа. Затоа, правото на жалителот да дава информации според Конвенцијата не било прекршено, дотолку повеќе имајќи предвид дека тој всушност не бил должен да ја отстрани статијата од интернет.
Конечно, Судот не сметаше дека сериозноста на санкцијата – за која е предвидена граѓанска, а не кривична одговорност – и износот на досудениот надомест биле претерани.
Оттука, Судот заклучи дека наодите од надлежните судови на национално ниво претставувале оправдано ограничување на слободата на изразување на жалителот – дотолку повеќе со оглед на фактот дека тој не бил обврзан трајно да ја отстрани статијата од интернет.
Според тоа, овде не дошло до повреда на член 10.
Ова беше првиот предмет во кој Судот испитуваше дали граѓанската одговорност на новинар за недеиндексирање на информации објавени на интернет била компатибилна со член 10 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права