Неуспехот на полицијата да спречи напад од екстремно десничарско движење за време на прикажување хомосексуални филмови довело до кршење на Конвенцијата

Во предметот Здружението ACCEPT и други против Романија (жалба бр. 19237/16, 01.06.2021), Европскиот суд за човекови права утврди дека дошло до повреда на членот 14 (забрана на дискриминација) во врска со член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за заштита на човековите права во однос на поединечните жалители и повреда на членот 14 од Конвенцијата во врска со членот 11 (слобода на собирање и здружување).

Предметот се однесуваше на демонстрации кои се случиле на проекција на филм на кој се прикажувало истополово семејство за време на Месецот на историјата на ЛГБТ- настан кој го организирало здружението-жалител во февруари 2013 година. Другите петмина жалители присуствувале на проекцијата. Иако полицијата обезбедила одредена заштита, демонстрантите насилно влегле во киното, наводно носејќи крајно-десничарски реквизити. Посетителите на киносалата биле вербално нападнати.

Жалбите кои ги поднело здружението- жалител и другите жалители до обвинителството не резултирале со обвиненија. Домашните судови одлучувале по жалба и заклучиле дека немало докази за да се потврди надвор од разумно сомневање дека фашистички симболи биле прикажани во јавност.

Судот поконкретно констатираше дека полицијата не успеала да ги спречи хомофобичните псовки и да обезбеди непречено одвивање на настанот, и покрај адекватното присуство на лице место. Судот истакна дека полицијата имала јасни prima facie докази за вербалното злоставување на демонстрантите во врска со сексуалната ориентација на присутните, поради фактот што полицајците биле таму. Надлежните имале обврска да го испитаат ова прашање – потенцијално злосторство од омраза. Сепак, тие не презеле никакви значајни истражни чекори цела година по поднесувањето на жалбата, а истрагата вкупно траела четири години и осум месеци.

Судот заклучи дека властите не понудиле соодветна заштита на достоинството на поединечните жалители (и пошироко, на нивниот приватен живот) и не успеале ефективно да ја испитаат вистинската природа на хомофобичната злоупотреба на жалителите. Така, властите ги дискриминирале жалителите врз основа на нивната сексуална ориентација, што довело до повреда на членот 14 во врска со членот 8. Судот заклучи дека властите не успеале да обезбедат непречено одвивање на настанот за кој станува збор во овој предмет, и притоа, не ги исполниле своите обврски согласно член 14 во врска со членот 11.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права