ОБСЕ Анализа на судската пракса во предмети за дискриминација во Босна и Херцеговина

Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина објави извештај со анализа на 433 домашни судски одлуки во предмети за анти-дискриминација донесени помеѓу средината на 2018 г. и средината на 2021 г. Извештајот на мисијата покажува зголемен број на тужби и пресуди според Законот за забрана на дискриминација (ЗЗД). Ова укажува на сѐ поголема свесност за овој витален правен инструмент.

Јуриздикцијата со најмногу предмети кои се повикуваат на ЗЗД сѐ уште е ентитетот Федерација на Босна и Херцеговина. Поконкретно, општинските и кантонските судови во Сараево обработуваат големо мнозинство од предметите против дискриминација во БиХ. Ваквото значително оптоварување со број на предмети резултира со нивна релативно бавна обработка. Во овој момент, треба да се напомене дека сѐ уште постои потреба од подобрување на обработката на предметите и дека функционалностите на системот за управување со предмети (CMS) треба да се употребуваат во целост, за да се добијат точни статистички информации околу најновите случувања со предметите против дискриминација. Наведените трендови покажуваат очигледен раст на свесноста за овој правен инструмент. Меѓутоа, според емпириските податоци, повеќето жртви на дискриминација и понатаму не користат судска заштита против дискриминацијата. 

Бројните структурни проблеми имаат потенцијал да ја намалат довербата на граѓаните во овој правен лек. На пример, поединците може да се обесхрабрат и да се откажат од започнување правна постапка против дискриминација поради долгото времетраење на предметите и, последователно, поради историски малиот број пресуди во полза на тужителот.

Исто така, постои и општо недоволна искористеност на привремените мерки или процедури за заштита против виктимизација. Тоа што во образложенијата на судовите има ограничени референци на богатата и обврзувачка судска практика на Европскиот суд за човекови права или авторитативната судска практика на Европскиот суд на правдата, ја нагласува потребата од понатамошно образование на судиите.

Конечно, дискриминацијата и понатаму е проблем во општеството на Босна и Херцеговина. И покрај институционалниот и законодавен развој во анти-дискриминациската рамка, има уште многу што треба да се направи. Ова особено важи за спроведувањето на ЗЗД, неговата доследна примена и решавањето на практичните проблеми утврдени во овој извештај.

Целосниот извештај е достапен на: https://www.osce.org/mission-to-bosnia-and-herzegovina/542841

Преземено од веб-сајтот  на ОБСЕ