Одбивање барања за времени мерки во врска со грчкиот закон за задолжителна вакцинација на здравствениот сектор против „Ковид-19“

На 2 септември 2021 година Европскиот суд за човекови права доби две жалби против Грција, поднесени од 30 здравствени работници кои имаат самостојна дејност или работат во јавни здравствени установи.

Според членовите 2 (право на живот), 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување), 4 (забрана на ропство и принудна работа), 5 (право на слобода и безбедност), 6 (право на правично судење), 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) и 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права, жалителите се жалат на одредбите од член 206 од Законот бр. 4820/2021 година со кои се наметнува задолжителна вакцинација на вработените во здравствениот сектор против „Ковид-19“ како услов за да можат да продолжат да вршат здравствена дејност.

Жалителите, исто така, побараа од Судот да примени времени мерки (според Правилото 39 од Деловникот на Судот) и веднаш да ја суспендира примената на законот.

На 7 септември 2021 година, Судот одлучи да ги отфрли барањата за времени мерки, сметајќи дека тие се надвор од опсегот на Правило 39 (времени мерки). Одлуката беше донесена од страна на дежурниот судија одговорен за времени мерки. Судот посочи дека одлуките во однос на мерките содржани во Правилото 39 од Деловникот на Судот се донесуваат во врска со постапките кои се водат пред Судот, без да се прејудицираат какви било последователни одлуки за допуштеноста на жалбата. Судот ги одобрува таквите барања само во исклучителни случаи, кога жалителите инаку би се соочиле со реален ризик од неповратна штета.

Жалбите во моментов се пред Судот; тие се регистрирани под следните броеви:

  • Жалба бр. 43375/21 (Какалетри и други против Грција), поднесена од 24 жалители, од кои 18 се лекари кои имаат самостојна дејност и шест се вработени во јавни медицински установи.
  • Жалба бр. 43910/21 (Теофанопулу и други против Грција), поднесена од шест вработени во јавниот сектор кои работат во јавни медицински установи (лекари/медицинска сестра/болничар).

Преземено од официјалниот веб -сајт на Европскиот суд за човекови права