Одлуката за депортирање претставува кршење на членовите 2 и 3 од Конвенцијата

Во предметот Н.А. против Финска (жалба бр. 25244/18 од 14.11.2019 година), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 2 (право на живот) и член 3 (забрана на тортура и нечовечко и понижувачко постапување) од Европската конвенција за човекови права (Конвенцијата).

Жалителката, г-ѓа Н.А. е ирачка државјанка, родена во 1996 година, а сега живее во Финска. Нејзиниот татко бил муслиман, сунитски Арап од Багдад. Тој служел како мајор во војската под поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин, а по паѓањето на тој режим работел во американска логистичка компанија. Неговиот живот неколку пати бил во опстаност, а во една прилика експлодирала бомба во семејниот автомобил. Покрај тоа, самата жалителка била жртва на обид за киднапирање. Поради сето ова, семејството се преселило во Финска во септември 2015 година, а таткото на жалителката побарал меѓународна заштита.

Властите го одбиле неговото барање за азил во декември 2016 година со образложение дека тој не се соочил со никаква опасност за време на неговата претходна работа во Ирак. Како резултат на тоа, тој се вратил во Ирак во ноември 2017 година преку потпомогнато доброволно враќање. Во декември 2017 година, жалителката дознала дека бил нападнат станот на нејзината тетка, кој претходно семејството го користело како скривалиште. Подоцна истиот месец, била известена дека нејзиниот татко бил убиен од неидентификувани напаѓачи. Според документите доставени од жалителката, нејзиниот татко бил застрелан три пати на улица во Багдад.

ЕСЧП конкретно утврди дека финските власти не успеале да спроведат доволно темелна проценка на индивидуалните ризици со кои се соочувал таткото на жалителката во Ирак, иако тие ги прифатија неговите тврдења дека тој се соочил со два потенцијални смртоносни напади во контекст на тензиите меѓу шиитската и сунитската муслиманска група, на која тој и’ припаѓал. Одлуката на финските власти да го протераат таткото на жалителката, кој имал конфронтација со колега кој и’ припаѓал на шиитската група на неговото работно место како истражител за Министерството за внатрешни работи, на крајот го принудила доброволно да се врати во Ирак, каде што набргу по враќањето бил застрелан и убиен.

ЕСЧП утврди дека финските власти не успеале да ги исполнат своите обврски согласно членовите 2 и 3 од Конвенцијата при постапувањето по барањето за азил на таткото на жалителката и дека и двата гореспоменати члена на Конвенцијата биле прекршени. ЕСЧП ја отфрли претставката на жалителката во однос на повреда на нејзините права според член 3 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права