29 Мар Општи мерки за спречување на ширењето на КОВИД со кои забрануваат јавни настани претставуваат прекршување на Конвенцијата
Во предметот Communaute genevoise d’action syndicale (CGAS) против Швајцарија (жалба бр. 21881/20, 15.03.2022) Европскиот суд за човекови права одлучи, со мнозинство од 4 гласа за и 3 гласа против дека дошло до повреда на член 11 (слобода на собирање и здружување) од Европската конвенција за човекови права.
Жалителот е здружение основано според швајцарското право чија декларирана цел е да ги брани интересите на работниците и своите организации членки, особено во сферата на синдикалните и демократските слободи. Здружението се жалеше дека му е одземено правото да организира и да учествува на јавни настани по усвојувањето на владините мерки за борба против КОВИД-19.
Судот во овој случај призна дека заканата по јавното здравје од КОВИД-19 била многу сериозна и дека знаењето за карактеристиките и опасноста на вирусот било многу ограничено на почетокот на пандемијата; соодветно, државите мораа да реагираат брзо во текот на разгледуваниот период. Судот на почетокот сметаше дека целосната забрана на одреден тип на однесување е драстична мерка која може да се оправда само со постоење на силни причини и повика на особено темелна контрола од страна на судовите овластени да ги оценуваат спротивставените интереси.
Помеѓу 17 март и 30 мај 2020 година, сите настани преку кои здружението жалител можело да ги спроведува своите активности во согласност со својата цел изразена во статутот биле целосно забранети. Според судската пракса на Судот, потребни се силни причини за да се оправда општа мерка од овој вид. Дури и да се претпостави дека постоела таква причина – имено потребата ефикасно да се справиме со глобалната пандемија КОВИД-19 – од испитувањето на Судот за исцрпувањето на домашните правни лекови произлегло дека таква проверка не била извршена од страна на судовите, вклучително и Федералниот врховен суд .
Судот додаде дека, со оглед на итноста за преземање соодветни мерки за борба против заканата од КОВИД-19 во раните фази на пандемијата, не морало нужно да се очекува дека ќе се одржат многу детални дискусии на домашно ниво, и особено со вклучување на Парламентот, пред усвојувањето на итните мерки кои се сметале за неопходни за справување со ова глобално зло. Меѓутоа, во такви околности независна и ефективна судска ревизија на мерките преземени од извршната власт била уште поважна.
Што се однесува до казната за прекршување на забраната за јавни настани, во Уредбата О.2 КОВИД-19 на 17 март 2020 година беше вметнат нов член 10г. Според таа одредба, за секое лице кое намерно ја прекршило забраната за јавни настани според членот 6 од уредбата била предвидена затворска казна до три години или парична казна (освен во случаи кога е сторено потешко дело во смисла на Кривичниот законик). Според мислењето на Судот, ова беа многу строги казни кои можеа да имаат застрашувачки ефект врз потенцијалните учесници или групи кои сакаат да организираат такви настани.
На крајот, Судот го нагласи фактот дека во услови на светската јавно-здравствена криза, Швајцарија не се повикала на членот 15 од Конвенцијата, според кој секоја држава членка можеше да преземе одредени мерки со кои се отстапува од обврските за исполнување на Конвенцијата во време на војна или друга јавна вонредна состојба која го загрозува животот на нацијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права