01 Фев Повреда на правото на приватност во врска со заштита на чувствителни лични податоци
Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека имало повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) на Европската конвенција за човекови права во предметот Кат против Обединетото Кралство (претставка бр. 43514/15, 24.01.2019).
Предметот се однесувал на жалбата на жалителот против прибирањето и чувањето на неговите лични податоци во полициска база на податоци. Конкретно, жалителот поднел барање до полицијата согласно со Законот за заштита на податоците од 1998 година во врска со сите информации што се чуваат за него. Информациите се чувале во полициска база на податоци во врска со „домашен екстремизам“. Записите обично го содржеле неговото име, присуство на настан, датум на раѓање, адреса, а понекогаш и неговиот изглед. Во август 2010 година, жалителот побарал од Здружението на главни полициски службеници („ACPO“) да ги избрише записите во кои тој се спомнува, но ACPO одбила да го стори тоа.
Повикувајќи се на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот, домот и преписката), г. Кат се жали против чувањето на неговите лични податоци од страна на полицијата.
Судот особено утврдил дека податоците за жалителот се однесуваат на неговите политички ставови и дека таквите информации бараат посебна заштита. Судот, исто така, ја имал предвид возраста на г-дин Кат (кој сега има 94 г.), како и фактот дека немал ниту историја, ниту изгледи за извршување насилни дејствија. Иако прибирањето информации за него било оправдано, не било оправдано тие и да се чуваат, особено заради недостатокот на заштитни мерки, како што се временски рокови на чување на податоците. Според тоа, дошло до повреда на Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права