Повреда на правото на сопственост поради непостоење на право на надомест

Во предметот на Каинар и други против Турција (жалба бр. 21104/06, 51103/06 и 18809/07 од 07.05.2019 година), Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) едногласно заклучи дека дошло до повреда на членот 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на сопственоста) и членот 6 (право на правично судење во разумен рок) од Европската конвенција за човекови права (“Конвенцијата”).

Предметот се однесуваше на граѓанска постапка во врска со побарување за поседување на земјиште купено од страна на подносителите на жалбата и класифицирано како “заштитено природно наследство” чија сопственост не била регистрирана. Жалителите купиле земјиште на островот Гокцеада (Gökçeada). Во 1996 година земјиштето било регистрирано во име на Трезорот  како резултат на катастарска ревизија. Истата година, жалителите поднеле барање до Земјишниот трибунал на Гокцеада (Gökçeada), барајќи регистрација на земјиштето на нивно име, во согласност со релавнтните законски одредби.

Во 2004 година, домашните судови одлучиле да го регистрираат земјиштето на име на Трезорот врз основа на нов закон кој стапил на сила во текот на постапката. Сопственоста над земјиштето класифицирано како “природно наследство” повеќе не можела да се стекне со незаконско стекнување на имот. Како резултат на тоа, барањето на жалителите било отфрлено и тие не добиле никаков надомест.

Судот конкретно утврди дека промената во законодавството ги лишила жалителите од можноста за регистрација на нивното земјиште, иако тие легитимно можеле да очекуваат дека ќе ги исполнат сите барања за признавање како сопственици. Исто така, тој утврди дека жалителите, кои не добиле никаква компензација заради губењето на имотот, морале да поднесат индивидуално и прекумерно оптоварување.

Судот, исто така, утврди дека домашното право сега дозволува репарација заради таквото кршење на права. Жалба до Комисијата за компензација, чија надлежност сега беше проширена во 2019 година со Претседателската уредба бр. 809, сега ќе им овозможи на жалителите да добијат надомест.

Сметајќи дека оваа жалба претставува соодветен начин за отстранување на кршењето на членот 1 од Протоколот број 1 од Конвенцијата, Судот одлучи да го одбие делот од жалбата кој се однесува на член 41 од Конвенцијата (правичен надомест).

Судот, исто така, утврди дека должината на постапката (околу 10 години), во контекст на жалбите поднесени од двајцата жалители, не го задоволило барањето за судење разумен рок. Така, Судот утврди повреда на членот 6 став 1 (право на правично судење во разумен рок) и им додели на жалителите правична отштета за претрпена нематеријална штета.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права