Првиот истополов брак во Црна Гора

Првиот истополов брак во Црна Гора беше регистриран на 25.07.2021 година во крајбрежниот град Будва, една година откако Црна Гора стана првата балканска земја која не е членка на ЕУ, а која ги легализираше граѓанските истополови партнерства.

Претставничката на општина Будва, Милијана Вукотиќ Јелушиќ, рече дека бракот бил склучен помеѓу две млади жени, и двете од странство, но со црногорско потекло.

Во јули 2020 година, парламентот во Црна Гора изгласа легализација на граѓански истополови партнерства со многу тесно мнозинство. Промената беше поддржана од само 42 пратеници во 81-члениот дом. Според законот, владата имаше рок до 15 јули оваа година да ја усогласи законодавната рамка со новиот закон според кој истополовите парови можат да склопат правна заедница во нивната локална матична служба.

Законот, исто така, дозволува регулирање на меѓусебната финансиска поддршка и поделба на заедничкиот имот во случај на развод. Тоа им дава на оние во истополови граѓански партнерства право на социјална сигурност и здравствена заштита врз основа на нивниот партнер и ги регулира семејните посети во болниците или затворите. Не обезбедува право на посвојување или згрижување деца.

Министерката за јавна администрација, дигитално општество и медиуми, Тамара Срзентиќ го нарече првиот истополов брак во земјата историски чекор. „Иако законот беше донесен пред една година, треба да се направи многу повеќе за да се исполнат сите предуслови за негово целосно спроведување. ЛГБТИК заедницата секогаш ќе има сојузник во мене за сите активности што придонесуваат за подобрување на квалитетот на нивниот живот “, рече Срзентиќ.

И покрај овие зборови на поддршка, хомосексуалноста останува чувствително прашање во оваа сè уште конзервативната земја, како и во останатиот дел на Балканот. Претходните истражувања покажаа дека 71 отсто од граѓаните во Црна Гора ја сметаат хомосексуалноста за болест и дека секој втор граѓанин ја гледа како опасност за општеството.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Balkan Insight