Прекршување на член 4 од Конвенцијата заради недоволна активност на државните органи во случај на трговија со луѓе

Во предметот на Т.И. и други против Грција (жалба бр. 40311/10 од 18 јули 2019 година) Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 4 (забрана на ропство и принудна работа) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).

Во овој предмет, тројца руски државјанки тврдеа дека биле жртви на трговија со луѓе. Жалителките конкретно тврделе дека биле принудени да работат како проститутки во Грција. Тие ги обвиниле вработените во конзулатот и компанијата која го организирала нивното доаѓање во Грција, наведувајќи дека документите користени за одобрување на нивните визи содржеле лажни податоци. Покрената била кривична постапка против повеќе лица, вклучително и тројца конзуларни службеници, за трговија со луѓе. Сепак, во февруари 2016 година, Одделот за покренување обвиненија на Кривичниот суд ја прекинал постапката, донесувајќи одлука дека делото трговија со луѓе, наводно сторено од страна на две лица,  застарело. Одделот за покренување обвиненија исто така дал напомена дека нема материјален доказ дека третото лице е одговорно за делата кои му се ставале на товар. 

ЕСЧП конкретно утврди дека правната рамка со која се уредува кривичната постапка не била делотворна и доволна за да се казнат трговците со луѓе или да се обезбеди делотворна превенција на трговијата со луѓе. Во Кривичниот законик на Грција се забранува присилна проституција и делото се сврстува во полесни кривични дела, за кое е предвидена казна од една до три години затвор. Трговијата со луѓе заради сексуална експлоатација не е издвоено како посебно дело. Оттаму, ЕСЧП не можеше да заклучи дека правната рамка која ја уредува таквата постапка е делотворна и доволна за да ги казни трговците со луѓе или да обезбеди делотворна превенција од трговија со луѓе. Поради ова, дошло до кршење на член 4 од Конвенцијата.

Сепак, ЕСЧП забележа дека од 15 октомври 2002 година наваму Кривичниот законик на Грција експлицитно забранува трговија со луѓе заради сексуална екплоатација. Направени биле неколку измени и дополнувања на Кривичниот законик во рамките на законот бр. 3064/2002 за да се воведат поостри казни за трговија со луѓе, дело кое оттогаш е класифицирано како тешко кривично дело, а законодавството, исто така, предвидело и посебни мерки за заштита на жртвите од трговија со луѓе.

Понатаму, ЕСЧП сметаше дека надлежните органи не се справиле со случајот со доволно ниво на внимание, онака како што тоа се бара според членот 4 од Конвенцијата. Со оглед на сериозноста на наводите на жалителките и фактот дека јавни службеници биле обвинети за вклученост во мрежи на трговија со луѓе, надлежните органи биле должни да постапуваат со посебно внимание за да осигураат дека гореспоменатите дела се предмет на темелно испитување, а со тоа и да ги елиминираат сомнежите во чесноста на јавните службеници . Според тоа, има повреда на член 4 од Конвенцијата во однос на овој аспект.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права