28 Ное Признавањето на пресудата според Хашката конвенција за прибавување докази во странство довело до прекршување на правото на правична судска постапка
Во предметот Доленц против Словенија (претставка бр. 20256/20, 22.10.2022), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 6 став 1 (право на правична судска постапка) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесува на израелски граѓанин, кој останал парализиран откако бил опериран од страна на подносителот на претставката, добро познат неврохирург, во болница во Љубљана, како и на последователните постапки во Израел и Словенија. Повикувајќи се на член 6 (право на правична судска постапка), г-динот Доленц тврдел дека словенечките судови требало да не ги признаат израелските пресуди, бидејќи биле донесени во неправична судска постапка.
Пред сè, Судот забележа дека израелските пресуди биле од огромно значење за г-динот Доленц, со оглед на последиците по неговата репутација и причинетата штета во износ од над 2 милиони евра.
Што се однесува на правото на подносителот да го изнесе својот случај пред израелскиот окружен суд, Судот се согласи со наодите на словенечките судови дека г-динот Доленц бил известен за судењето во Израел, но не дал доволни причини за одбивањето лично да присуствува.
Во поглед на сослушувањето на сведоците, Судот сметаше дека, во конкретните околности на предметот, е разумно доказните материјали да се прибават во Словенија според процедурата предвидена во Хашката конвенција за прибавување докази во странство во граѓанските или во трговските работи (во понатамошниот текст „Хашката конвенција“). Иако правото на пациентот на постапка во разумен рок бил важен аспект, немало причина да се верува дека процедурата според Хашката конвенција сама по себе би предизвикала значително одложување.
На крајот, Судот се повика на забелешката на словенечките судови дека одбивањето на барањето за примена на процедурата од Хашката конвенција можело да се смета „еднакво на одбивање на предложениот доказен материјал“, меѓутоа дека одлуката да се сослушаат сведоците во Израел била и покрај тоа оправдана, бидејќи подносителот на претставката се откажал од своето право да продолжи да учествува во постапката, откако му го укинал полномошното на својот израелски адвокат.
Судот, напротив, заклучи дека подносителот на претставката никогаш изречно не се откажал од своето право да учествува во постапката во Израел. Ниту, пак, имало нешто во досието на предметот што би го поткрепило заклучокот дека подносителот бил информиран за случувањата во постапката во Израел откако го укинал полномошното на неговиот израелски адвокат. Фактот што жалителот не назначил нов адвокат не значи дека не постои услов постапката да се води согласно со основните принципи на правична судска постапка.
Според тоа, сè на сè, словенечките судови не им придале доволна тежина на последиците од неиспитување на сведоците (вклучително и стручњакот по словенечко право) според процедурата од Хашката конвенција. Тоа право е основен елемент на принципот на правична судска постапка и словенечките судови морало да се уверат дека било испочитувано во постапката во Израел пред да ги признаат израелските пресуди. Според тоа, дошло до прекршување на членот 6 став 1 од Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб-страница на Европскиот суд за човекови права