Принудно психијатриско лекување и затворање во психијатриска болница не било во согласност со Конвенцијата

Во предметот Р.Д и И.М.Д. против Романија (жалба бр. 35402/14, 12.10.2021 година) Европскиот суд за човекови права, едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 5 став 1 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција за човекови права, како и до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот живот).

Предметот се однесуваше на присилно затворање на жалителите во психијатриска болница со цел да ги принудат  на медицински лекување и на обврската да бидат подвргнати на тоа лекување.

Судот забележа дека релевантните психијатриски судско-медицински извештаи во однос на апликантите биле подготвени на 4 октомври 2011 година, односно повеќе од три години пред мерката со која се наложува нивно сместување во психијатриска болница. Според мислењето на Судот, недостатокот на неодамнешна медицинска проценка бил доволен за да се заклучи дека сместувањето на апликантите не било во согласност со закон според Конвенцијата, и затоа заклучил дека дошло до повреда на член 5 став 1 од Конвенцијата.

Судот повтори дека присилното давање на лекови/терапија претставува сериозно мешање во физичкиот интегритет на една личност и соодветно треба да се заснова на „закон“ кој гарантира соодветни заштитни мерки против произволно постапување. Судот забележа дека мерката затворање која им била изречена на апликантите со пресудата од 10 ноември 2014 година била заснована на одредбите од Кривичниот законик и од Законот за кривична постапка, и дека поради тоа имала основа во романското право. Сепак, Судот забележа дека ниту една од релевантните законски одредби во овој предмет не го уредува режимот што се применува за ефективно медицинско лекување на психичка болест. Овие акти не ја регулираа рамката во која требаше да се згрижат лицата на кои им е одредена мерка на безбедност во психијатриските болници, не беше прецизирано кој има право да одлучува за соодветното лекување и не беше дефиниран начинот на кој треба да се одвива лекувањето, особено во оние случаи во кои пациентот не сака да го прифати пропишаниот третман. Понатаму, во овие акти не беше посочено дека е можно да се поднесе жалба против одлуката на лекарот во врска со лекот што треба да му се даде на пациентот. Во тие околности, Судот забележа дека жалителите немале на располагање никаков правен лек со кој би можеле да бараат од судот да се произнесе за законитоста, вклучително и пропорционалноста, на присилното давање на лекови или за неговото прекинување. 

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права