04 Јан Пристап до предуниверзитетско образование за заедниците на малцинствата во Косово
Мисијата на ОБСЕ во Косово објави извештај со кој се оценува пристапот до предуниверзитетско образование за заедниците на малцинствата во Косово. Извештајот насловен „Пристапот на заедниците до предуниверзитетско образование во Косово“ го опфаќа периодот од 2014 до 2017 година и го разгледува обезбедувањето образование на јазикот на мнозинството и на јазиците на заедницата.
Во извештајот се наведува дека институциите генерално им обезбедуваат на заедниците соодветно ниво на поддршка во однос на пристапот до образование. Сепак, заклучокот во истиот е дека допрва треба да се најде одржливо решение за обезбедување образование на српски јазик, во согласност со законските одредби што ја даваат основата за образование на овој јазик. Извештајот ја поздравува поддршката што институциите им ја даваат на заедниците за да овозможат полесен пристап до образованието, како што се превозот, стипендиите и дополнителната настава. Изработени се наставни програми на босански и турски јазик, иако се потребни дополнителни напори за да се комплетира нивното спроведување, а постоењето на предмет на ромски јазик со елементи на историја и култура е за пофалба.
Сепак, и натаму постојат предизвици. Обезбедувањето учебници на босански и турски јазик останува нееднакво. Непостоењето организиран превоз за учениците од немнозинските заедници на општинско ниво и натаму претставува проблем во одредени општини. Сè уште не постои заемно прифатено решение за образование на српски јазик, и покрај напредните одредби во законите на Косово со кои тоа се предвидува. Интеракцијата помеѓу децата и вработените од двата системи е, исто така, ограничена.
Во извештајот се препорачува институциите да преземат чекори за решавање на овие предизвици во наредниот период и да ги засилат своите напори во унапредувањето на дијалогот меѓу заедниците во образованието. Тоа може да се постигне преку одобрување и спроведување на „Насоките за унапредување на дијалогот меѓу заедниците преку образованието“.
Целиот извештај може да го прочитате на: https://www.osce.org/sr/mission-in-kosovo/406991
Преземено од официјалната веб страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа