Родова дискриминација во однос на правото на семејна пензија

Во предметот Бeлер против Швајцарија (претставка бр. 78630/12, 11.10.2022 г.), Европскиот суд за човекови права со мнозинство (12 наспроти 5 гласа) оцени дека постои повреда на член 14 (забрана на дискриминација) поврзана со член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права. 

Предметот се однесуваше на престанокот на пензијата на подносителот на претставката, вдовец, откако неговото помладо дете навршило полнолетство. Сојузниот закон за семејно осигурување и осигурување на старост предвидуваше дека правото на пензија за вдовците истекува кога најмалото дете ќе наполни 18 години, што не беше случај за вдовиците.

Пред Судот, подносителот на претставката тврдеше дека бил дискриминиран во однос на вдовиците во слична ситуација, кои не би го изгубиле правото на пензија. Владата тврдеше дека е, сепак, оправдано да се потпира на претпоставката дека сопругот обезбедувал финансиска издршка за сопругата, особено кога сопругата родила деца, и да им овозможува повисоко ниво на заштита на вдовиците отколку на вдовците. Оттука, според нивното мислење, разликата во третманот не се заснова на родови стереотипи, туку на општествената реалност.

Прво, Судот забележа дека, помеѓу 1997 и 2010 година, подносителот на претставката примал пензија за вдовци и клучните аспекти од својот семеен живот ги организирал, барем делумно, врз основа на постоењето на таа пензија. Деликатната финансиска состојба во која се нашол на 57 години, со оглед на губењето на пензијата и неговите тешкотии да се врати на пазарот на трудот од кој отсуствувал 16 години, била последица на одлуката што ја донел години порано во интерес на своето семејство. Имено, тој ја напуштил работата и целосно се посветил на негата, грижата и воспитувањето на своите деца, издржувајќи се со примањата од пензијата за вдовци од 1997 година па наваму. Според тоа, Судот одлучи дека членовите 8 и 14 од Конвенцијата се применливи во овој случај.

Следно, Судот утврди дека, иако подносителот на претставката се нашол во слична ситуација во поглед на неговите егзистенцијални потреби, не бил третиран на ист начин како жена/вдовица. Оттука, тој бил подложен на нееднаков третман. Владата не покажа дека има многу силни причини или „особено тешки и убедливи причини“ кои го оправдуваат различниот третман врз основа на родот. Според мислењето на Судот, Владата не можела да се потпре на претпоставката дека сопругот финансиски ја издржувал сопругата (согласно со концептот на „машки хранител“) со цел да се оправда разликата во третманот што ги става вдовците во неповолна положба во однос на вдовиците. Напротив, судот откри дека предметното законодавство повеќе придонесува кон зацврстување на предрасудите и стереотипите за природата или улогата на жената во општеството и дека е неповолно и за кариерниот развој на жените и за семејниот живот на мажите.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права