08 Ное Сексуално вознемирување на новинарки на Балканот
Медиумските организации на Балканот треба да имаат соодветни прописи кои се однесуваат на сексуалното вознемирување и родовата злоупотреба, а медиумските работници треба да проговорат и да ги поддржат колешките доколку се тие мета на вознемирување/злоупотреба, изјавија новинарите на дебатата на БИРН организирана на 28 октомври 2021 година.
И покрај тоа што поголемиот дел од новинарите во Западен Балкан се жени, тие сè уште се соочуваат со родова дискриминација и злоупотреба и често не се чувствуваат доволно безбедно за да проговорат поради стравот дека ќе ја загубат работата или угледот и нема да ја добијат потребната поддршка. Медиумските организации на Балканот треба да имаат соодветни кодови и процедури кои треба да ги следат во случаи на сексуално вознемирување или други видови родова дискриминација, рече координаторката на проектот на БИРН Софија Тодоровиќ, која ја модерираше дебатата насловена „#MeToo во новинарството: Кога ќе проговорат балканските новинари“.
Дафина Халили, уредничка на онлајн списанието Косово 2.0, зборуваше за тоа колку е тешко да се проговори во една мала земја како што е Косово. „Жените новинарки често се малтретирани во редакцијата пред новинари кои потоа зборуваат јавно и на телевизија во живо за сексуалното вознемирување [како феномен], но не интервенираат во случаите кога нивните колешки се малтретирани [во нивно присуство“, рече таа. Халили рече дека на Косово допрва треба да се случи движењето #MeToo бидејќи ниту една јавна личност сè уште не проговорила за претрпеното малтретирање. Но, таа рече дека е позитивно што младите на Косово организираат протести и други настани за правата на жените.
Јелена Јовановиќ, новинарка во црногорскиот медиум Вијести, рече дека патријархалниот начин на размислување често ги спречува жените да проговорат, особено во руралните области каде што дури и семејното насилство се прикрива. Јовановиќ објаснува дека ситуацијата не е многу поинаква за жените новинарки кои често се соочуваат со озборувања дека она што го постигнале се должи на фактот што „спиеле“ со некого.
Наталија Милетиќ, новинарка која работи меѓу Србија и Германија, објасни дека и покрај движењето #MeToo, ситуацијата и понатаму е тешка. Таа рече дека во Србија, и покрај фактот што некои медиумски организации се претежно вработени со жени, „нема жена главен уредник во главните медиуми“.
Жаклин Лекатари, новинар, секс блогер и активист за човекови права во Албанија, рече дека движењето #MeToo не постои ниту во Албанија, и дека постојат две главни прашања со кои се соочуваат жените во земјата кога одлучуваат да проговорат за своите искуства на злоупотреба и сексуално вознемирување – страв и недостаток на доверба. „Немаме јаз во родовата застапеност на главните уредници во Албанија, но политиките на [медиумските компании] не се феминистички“, рече Лекатари.
Панелистите се согласија дека проблемот нема да се реши со повеќе жени главни уредници, туку со подобрување на управувачките пракси и уредувачките политики. Тие ги советуваа младите новинарки да бараат поддршка и солидарност – „да најдат поддршка, идентификуваат и поврзуваат заеднички групи и да се организираат“.
Преземено од веб-сајтот BalkanInsight