18 Фев Складирањето на лични податоци на корисници на претплатени СИМ картички од телекомуникациските компании е во согласност со Конвенцијата
Во предметот Брејер против Германија (жалба бр. 50001/12, 30.01.20202), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) утврди дека немало повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права (Конвенцијата).
Предметот се однесуваше на складирање на податоци од припејд корисници на СИМ картички од телекомуникациските компании. Во согласност со измените и дополнувањата на Законот за телекомуникации од 2004 година (Законот), од компаниите се бараше да ги собираат и чуваат личните податоци на сите свои клиенти, вклучувајќи ги и припејд корисниците на СИМ-картичките, чие собирање претходно не било потребно. Жалителите, активисти за граѓански слободи и критичари на државниот надзор, беа корисници на ваквите картички и затоа морале да остават своите лични податоци, како што се нивните телефонски броеви, датумот на раѓање, името и адресата, кај нивните пружатели на услуги. Во 2005 година, жалителите поднеле уставна тужба против различни делови од Законот, вклучувајќи ги и членовите 111, 112 и 113. Овие одредби од Законот, во онаа мера во која се релевантни за овој предмет, вклучуваат обврска за собирање на податоци и пристап до податоци од страна на надлежните органи и автоматски и по барање. На 24 јануари 2012 година, Федералниот уставен суд утврдил дека предметните одредби се компатибилни со основите на законот, во смисла на тоа дека истите се пропорционални и оправдани.
ЕСЧП конкретно утврди дека собирањето на името и адресата на жалителите како припејд корисници на СИМ-картички претставува ограничено мешање во нивните права. Сепак, ЕСЧП исто така утврди дека законските одредби се јасни и предвидливи. Покрај тоа, мешањето на државата имало легитимна цел: зачувување на јавната безбедност, спречување на нереди или криминал и заштитата на правата на другите.
Понатаму, ЕСЧП процени и дека мешањето на државата било пропорционално и во согласност со законските одредби за пристап до податоци. Судот констатираше дека автоматизираната постапка од член 112 предвидува многу поедноставено преземање на податоците, но потенцираше дека државните органи што можат да побараат пристап се наведени во членот 112 од законот. Понатаму, во членот 113 кој ја дефинира постапката за писмено барање за пристап до податоци не се содржани точните имиња на државните органи кои би можеле да побараат пристап до податоците, туку нивните функции, за кои ЕСЧП сметаше дека се доволно јасни за да предвиди кои тела можат да побараат лични податоци. Според Судот, овие две одредби обезбедуваат дополнителни заштитни мерки/гаранции.
ЕСЧП истакна дека, и покрај фактот што во овој закон има дополнителни заштитни мерки/гаранции, граѓаните можат да се обратат и до независните органи за надзор на податоците кои би можеже да ги разгледаат барањата на надлежните органи, како и да побараат правна заштита доколку е потребно.
Севкупно, Германија не ги пречекорила границите на своето поле на слободна проценка во примената на овој закон, па во овој предмет не дошло до повреда на правата на жалителите преку собирањето на нивните лични податоци.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права