Србија незаконски го екстрадира дисидентот од Бахреин и покрај пресудата на ЕСЧП

Human Rights Watch објави изјава за депортација на политички дисидент во Бахреин на 24 јануари 2022 година од страна на српските власти и покрај наредбата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) со која експлицитно се забранува неговата екстрадиција додека не се добијат повеќе информации. Во изјавата се вели дека властите во Бахреин претходно го мачеле и малтретирале дисидентот Ахмед Џафер Мухамед. Мухамед избегал од земјата во 2013 година. Судовите во Бахреин потоа во отсуство го осудиле на доживотен затвор најмалку двапати во рамките на очигледно неправедни судења. Во 2015 година, властите на Бахреин му го одземале државјанството, така оставајќи го без државјанство.

Српските власти го уапсиле Мухамед на 3 ноември 2021 година, врз основа на црвеното известување на Интерпол издадено на барање на Бахреин во 2015 година. Не е јасно кога Мухамед пристигнал во Србија, но неговиот адвокат Марко Штамбук, адвокат кој соработува со белградскиот Центар за човекови права за случаите на азил, изјави за Human Rights Watch дека Мухамед имал намера да побара азил некаде во Европа.

Меѓутоа, на 7 декември 2021 година, Високиот суд ја прифатил одлуката за екстрадиција. Апелациониот суд потоа ја отфрлил жалбата на Мухамед за таа одлука на 18 јануари. Одлуката потоа била испратена до министерката за правда на Србија, Маја Поповиќ, која ја одобрила истата, така отворајќи ѝ го патот на Србија насилно да го врати дисидентот во Бахреин во рок од неколку дена. Неговиот адвокат рече дека на 20 јануари ги информирал надлежните органи за азил на Србија, Канцеларијата за азил при Министерството за внатрешни работи и Управата за гранична полиција за намерата на Мухамед да побара азил и дека тие одговориле следниот ден, на 21 јануари, наведувајќи дека ќе му биде дозволено да го стори тоа.

Истиот ден, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе времена мерка со која ја повика Србија да ја запре екстрадицијата на Мухамед во очекување на повеќе информации, вклучително и информации за „можните ризици од мачење и/или малтретирање со кои би се соочил жалителот доколку биде екстрадиран во Бахреин“. Судот, исто така, праша дали тој ќе има право на „преиспитување (ревизија) на доживотната казна затвор во Бахреин“ и ѝ наложи на Србија да ги побара тие информации од Бахреин до 11 февруари и да не го екстрадира Мухамед пред 25 февруари, 2022 година.

Human Rights Watch документираше дека властите во Бахреин го мачеле Мухамед додека го испрашувале по неговото апсење заедно со други демонстранти во 2007 година заради учество во серија демонстрации како одговор на наводните злоупотреби од страна на безбедносните сили. Потоа, тој бил осуден на затвор за дела кои вклучуваат нелегално собирање и нелегално поседување оружје. Бил ослободен заедно со други политички затвореници во 2009 година со кралско помилување.

Депортација на Мухамед од страна на Србија претставува прекршување на меѓународното право, односно на начелото на забрана на протерување, кое ги обврзува државите да не враќаат никого на места каде што тоа лице би се соочило со реален ризик од мачење или сурово, нечовечко или понижувачко постапување. Таквата постапка, исто така, претставува прекршување на обврските на Србија според Конвенцијата на ОН за заштита од тортура (мачење) и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

Преземено од веб-сајтот на Human Rights Watch