Хомофобичен говор на омраза на социјалните мрежи

Во предметот на Бејзарас и Левицкас против Литванија (жалба бр. 41288/15, 14.01.2020) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права во врска со член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот), како и до повреда на член 13 (право на делотворен правен лек).

Предметот отвори прашања за одговорноста на државата во заштитата на поединците од хомофобичен говор на омраза. Жалителите се двајца млади мажи кои се во врска. Еден од нив на својата страница на Фејсбук објавил фотографија на која тие се бакнуваат, што довело до стотици коментари на омраза преку интернет. Некои од овие коментари се однесувале на ЛГБТ лицата општо земено додека други содржеле лични закани упатени до жалителите. И органите на прогонот и судовите одбиле да покренат предистражна постапка за поттикнување омраза и насилство врз хомосексуалци, тврдејќи дека однесувањето на двојката било провокативно и дека коментарите, иако „неетички“, не заслужувале кривично гонење.

Судот утврди дека јасно е дека коментарите на страницата на Фејсбук на г.Бејзарас се одразиле на психичката благосостојба и достоинство на жалителите, поврзувајќи го овој предмет со ќлен 8 и челн 14.

Владата негираше дека жалителите биле дискриминирани, тврдејќи дека одлуките на домашните власти да не покренат кривична истрага немале никаква врска со нивната сексуална ориентација. Таа особено тврдеше дека одлуките се засновале на однесувањето на жалителите, кое било провокативно, заради тоа што вториот жалител на сликата носел џемпер со крст, како и на фактот дека предметните коментари не достигнале ниво на сериозност за да бидат предмет на кривичен прогон.

Судот особено утврди дека сексуалната ориентација на жалителите влијаела на начинот на кој било постапувано со нив од страна на надлежните органи, кои јасно изразувале неодобрување на нивното јавно покажување на хомосексуалноста при одбивањето да покренат предистражна постапка. Ваквиот дискриминаторски став значел дека жалителите не биле заштитени од отворени повици за напад врз нивниот физички и ментален интегритет, на што имале право во согласност со кривичното право.

Според тоа, Судот утврди дека дошло до повреда на член 14 во врска со член 8 од Конвенцијата.

Судот утврди дека судската пракса на Врховниот суд на Литванија, онака како што ја применил обвинителот, чија одлука потоа била потврдена од домашните судови, не обезбедила делотворен домашен правен лек за жалби кои се однесувале на хомофобична дискриминација. Поточно, Судот искажа загриженост во врска со судската пракса на Врховниот суд во која се нагласува „ексцентричното однесување“ на лицата кои припаѓаат на сексуалните малцинства и нивната должност „да ги почитуваат ставовите и традициите на другите“ при остварувањето на своите права. Оттаму, Судот утврди дека дошло и до повреда на членот 13 од Конвенцијата затоа што жалителите биле лишени од делотворен домашен правен лек во однос на жалби за повреда на нивниот приватен живот заради дискриминација која произлегува од нивната сексуална ориентација.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права