Неуспехот на државата да ги заштити малолетниците од понижувачко постапување во мигрантските кампови

Европскиот суд за човекови права едногласно заклучи дека дошло до повреда на член 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување) од Европската конвенција за заштита на човековите права во предметот на Кан против Франција (жалба бр. 12267/16 од 28.02.2019).

Предметот се однесуваше на неуспехот на француските власти да му ја обезбедат на малолетниот Авганистанец без придружба Џамил Кану потребната заштита од нечовечко постапување во импровизираните кампови кои беа поставени во јужниот дел на “Lande de Calais” ( Кале). ЕСЧП истакна дека жалителот е малолетник, кој дошол во Франција на 11-год. возраст, а имал само 12 години кога ја напуштил откако бил демонтиран јужниот дел на “Lande de Кале”.

ЕСЧП не беше убеден дека властите направиле се’ што можело разумно да се очекува од нив за да ја исполнат обврската за заштита на малолетно лице без придружба кое незаконски престојувало на француска територија, односно обврската за заштита на лице кое спаѓа во најранливата категорија во општеството. Веќе неколку месеци жалителот живеел во “Lande de Calais” во средина која била сосема несоодветна за него како дете.

ЕСЧП сметаше дека е достигнат прагот на сериозност според членот 3 од Конвенцијата , имајќи ги предвид исклучително негативните околности кои преовладувале во импровизираните кампови и неизвршувањето на судскиот налог за обезбедување на заштита за жалителот. ЕСЧП заклучи дека со олгед на тоа што француските власти не ги презеле потребните мерки за заштита на жалителот, тој се нашол во ситуација која претставувала понижувачко постапување, и според тоа, дошло до повреда на членот 3 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права