06 Мај Одбивањето на властите да му дозволат на притвореник да присуствува на погребот на неговиот брат довело до повреда на членот 8 од Конвенцијата
Во предметот на Вецев против Бугарија (жалба бр. 54558/15 од 30.04.2019 година), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на одбивањето на бугарските власти да му дозволат на г-дин Вецев, кој беше во притвор, да отпатува на погребот на својот брат.
Г-дин Вецев бил уапсен и му бил одреден притвор во Пазарџик – град на околу 120 километри од Софија – под сомнение за кражба. Кога г-дин Вецев бил информиран дека неговиот брат починал, веднаш се обратил до судот со барање да му биде дозволено да присуствува на погребот, кој требало да се одржи во Софија на 26 септември 2015 година. На расправата на 25 септември 2015 судот првично му дозволил на г-дин Вецев да замине под придружба. Меѓутоа, бидејќи Регионалната служба за безбедност на Министерството за правда посочила дека, таа по закон може да обезбеди транспорт на притвореници под придружба само со цел да им се овозможи да се појават пред судските органи, судот го повлекол својот налог и одбил да го одобри барањето на г-дин Вецев.
Судот утврди дека членот 8 од Конвенцијата не му гарантира на притворено лице безусловно право да замине на погреб на роднина. Така, на националните власти останува да ја испитаат основаноста на секое такво барање. Сепак, Судот ја извршил својата надзорна улога во однос на оспорената мерка од гледна точка на правата гарантирани со Конвенцијата. При проценката на неопходноста од таква мерка, Судот утврдил дека релевантни фактори се: опасноста на притвореникот и неговото однесување, природата на предметното дело, гаранциите за враќање во притвор и можноста за алтернативни решенија со цел да му се удоволи на барањето на поединецот.
Судот сметаше дека во конкретниот случај бугарските власти го одбиле барањето поради тоа што таква можност не била предвидена со домашното право, а својата одлука не ја засновале на детално испитување на околностите на конкретниот случај, ниту пак ги зеле предвид интересите за кои станува збор, како што е правото на г-дин Вецев на почитување на неговиот приватен и семеен живот, од една страна, и потребата за спречување на нереди и криминал, од друга страна. Затоа, Судот сметаше дека во овој случај не е докажано дека мешањето во правото на г-дин Вецев на почитување на приватниот и семејниот живот било неопходно во едно демократско општество.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права