Толкувањето на “сериозен ризик” според меѓународното право во спор околу старателство над деца

Во предметот на О.Ц.И. и други против Романија (жалба бр. 49450/17, од 21.05.2019) Европскиот суд за човекови права ( ЕСЧП) едногласно заклучи дека дошло до кршење на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права (“Конвенцијата”).

Предметот се однесуваше на толкувањето на  “сериозниот ризик” според меѓународното право во еден спор за старателство над деца. Жалителите биле г-ѓа О.Ц.И. и нејзините деца, романски државјани. Откако г-ѓа O.Ц.И била на летување во Романија во 2015 година, одлучила таа и нејзините деца да не се вратат кај сопругот во Италија. Таткото на децата, италијански државјанин, покренал постапка за враќање на децата во Италија, во нивното вообичаено место на живеење, според Хашката конвенција за граѓанско-правните аспекти на меѓународното киднапирање на деца. Г-ѓа О.Ц.И се спротивставила, наведувајќи дека нејзиниот сопруг бил насилен кон своите деца.

Во 2016 година, романските судови го одобриле барањето на таткото за враќање на децата во вообичаеното место на живеење. Романските судови утврдиле дека децата биле подложени на физичко насилство од страна на нивниот татко, но дека истото се одразило само во повремени насилни дејствија  кои не се повторувале “доволно често да претставуваат сериозен ризик”. Тие, исто така, утврдиле дека италијанските власти во секој случај би можеле да ги заштитат децата во случај на опасност од злоупотреба.

ЕСЧП утврдил дека романските судови не го разгледале во доволна мера сериозниот ризик за децата на жалителката, дека тие би биле изложени на семејно насилство доколку би се наложило нивното враќање во Италија кај таткото, што е еден од исклучоците од начелото на меѓународното право дека децата треба да се вратат во нивното вообичаено место на живеење. Дури и да постоела заемна доверба меѓу Романија и италијанските власти за заштита на децата во согласност со правото на ЕУ, тоа не значи дека Романија била должна да ги врати децата во опкружување во кое тие биле во опасност, препуштајќи и на Италија да се  занимава со можната злоупотреба доколку истата се повторела.

Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права