30 Јул Повреда на правото на слобода на изразување во предмет кој се однесува на изборна кампања
Во предметот Брзезински против Полска (жалба бр. 47542/07 од 25/07/2019), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно утврди дека дошло до кршење на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права („Конвенција“ “). Предметот се однесуваше на тврдењето дека дошло до кршење на слободата на изразување на жалителот бзаради коментарите кои тој ги изнел во брошура во предизборна кампања.
Жалителот, г-дин Брзезински, е полски државјанин. Во октомври 2006 година, за време на политичката кампања за избор на општински и окружни совети и совети на региони, г-дин Брзезински, кој се кандидирал за општински советник, и А.Б. издале брошура во која ја повикале јавноста да гласа за членовите на нивната кандидатска листа и да го критикувале начинот на кој дотогаш се водела општината. Овие критики главно се однесувале на градоначалникот и членовите на советот на општината. Градоначалникот и локалниот советник кои биле на мета во брошурата ги тужеле г-дин Брзезински и А.Б., барајќи забрана за репродукција на брошурата, како и да им се наложи на авторите да ги поправат неточно објавените информации и јавно да се извинат. Полскиот суд му наложил на жалителот да се извини и да ги исправи неточните информации. Исто така, му било наредено да плати 5,000 полски злоти на една добротворна организација и 360 злоти на страните кои го тужеле за надомест на трошоци.
ЕСЧП сметаше дека нема сомнеж дека оспорените изјави биле дадени во контекст на расправи за прашања од значење за локалната заедница.
Сепак, ЕСЧП не можеше да го потврди заклучокот на домашните судови дека г. Брзезински бил должен во овој случај да ја докаже вистинитоста на своите изјави. ЕСЧП сметаше дека јазикот што бил користен во брошурата е во границите на прифатливото преувеличување или провокација, земајќи го предвид вообичаениот тон и природата на политичката дебата на локално ниво.
Дополнително, покрај забраната за продолжување на објавувањето на брошурата, на жалителот му било наредено да се извини и да ги исправи коментарите кои се сметаат за неточни со објавување изјава на насловната страница на два локални весници. Му било наредено и да исплати пари на добротворна организација. Според тоа, ЕСЧП сметаше дека жалителот претрпел казна која би можела да има инхибирачки ефект, иако учествувал во политичка дебата.
Имајќи го предвид горенаведеното, ЕСЧП заклучи дека одлуките донесени против жалителот претставуваат непропорционално мешање во неговото право на слобода на изразување и не биле потребни во демократско општество. Оттаму, може да се заклучи дека дошло до кршење на член 10 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права