Прекршено е правото на слобода на изразување на вработениот

Во предметот Хербаи против Унгарија (жалба бр. 11608/15 од 5 ноември 2019 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата”).

Жалителот Чаба Хербаи е унгарски државјанин кој живее во Будимпешта. Тој работел во Одделот за човечки ресурси на банката О., а исто така придонел и за унапредување на веб-страницата која содржела општи статии за човечките ресурси, каде што тој ги изнесувал своите професионални мислења како експерт за човечки ресурси. Статиите не содржеле доверливи или лични податоци за банката О., туку жалителот, како експерт, го изразувал своето несогласување со практиките за човекови ресурси на банката. Банката го отпуштила жалителот тврдејќи дека статиите на веб-страницата ги кршеле стандардите за доверливост и претставувале повреда на финансиските интереси на банката. Банката, исто така, тврдела дека позицијата на жалителот во банката му овозможувала да поседува информации чие објавување можело да ги наруши деловните интереси на банката. Г-дин Хербаи ја тужел банката за незаконско отпуштање од работа, а домашниот суд на крајот пресудил во корист на банката, истакнувајќи дека однесувањето на жалителот можело да претставува ризик за деловните интереси на неговиот работодавач.

ЕСЧП разгледа четири елементи на дозволениот опсег за ограничување на правото на слобода на говор во работен однос: природата на говорот; мотивите на авторот; било каква нанесена штета; и строгоста на казната.

Прво, ЕСЧП не се согласи со заклучокот на Уставниот суд дека видот на говор упатен до професионална публика не е вид на говор кој би можел да се заштити затоа што нема својство да биде дел од дебата за прашања од општ интерес.

Второ, иако коментарите мотивирани од лични поплаки или антагонизам не можат да уживаат силно ниво на заштита, ЕСЧП утврди дека домашните судови не виделе такви мотиви во постапките на жалителот.

Трето, ЕСЧП забележа дека домашните судови се фокусирале на прашањето na потенцијална штета за легитимните деловни интереси на банката и на можноста жалителот да открие доверливи деловни информации. Меѓутоа, дури и со оглед на одредениот степен на слобода на работодавачот според домашното законодавство да утврди кое однесување може да ги наруши работните односи без таквото нарушување јасно да се манифестира, ниту банката ниту домашниот суд не се обиделе да покажат дека предметниот говор може негативно да влијае врз банката.

И на крај, беше јасно дека жалителот добил стриктна казна затоа што ја изгубил работата без да бидат земени предвид поблаги дисциплинки мерки од  мерката раскинување на договорот за вработување.

Имајќи го предвид горенаведеното, во овој предмет дошло до повреда на член 10 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права