26 Мај Одбиени две жалби против Србија во врска со исчезнати бебиња
На 15 април 2021 година, Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) отфрли две жалби против Србија во врска со исчезнувањето на новородените деца на жалителите во државните родилишта во 80-тите години на минатиот век. Од 2013 година, кога беше донесена пресудата во предметот Зорица Јовановиќ, ЕСЧП за прв пат одлучи да одбие слични жалби. ЕСЧП истакна дека Законот за утврдување на фактите за статусот на новородените деца за кои постои сомнение дека се исчезнати од родилишта во Република Србија (во понатамошниот текст „Законот“) заснован на предметот Зорица Јовановиќ, донесен во февруари 2020 година, предвидува и судски и вонсудски постапки во однос на ситуацијата со која се соочуваат жалителите и други лица, и има за цел да ја открие вистината за исчезнатите бебиња.
Во 2013 година, ЕСЧП пресуди дека на Зорица и нејзиниот сопруг им било прекршено правото на семеен живот, додека Србија со таа пресуда беше обврзана да утврди што се случило со нивното дете во рок од една година.
Законот, исто така, предвидува систем во кој домашните судови ќе бидат овластени да истражуваат и да собираат докази не само на барање на жалителот, туку и proprio motu, со цел да се утврдат сите релевантни факти во конкретниот предмет, како и овластување да се досуди надомест на штета онаму каде што е тоа потребно. Покрај тоа Законот предвидува формирање на Комисија со широки овластувања за истражување, собирање податоци и известување. Иако воспоставувањето и функционирањето на базата на податоци за ДНК допрва треба целосно да се спроведе, ЕСЧП заклучи дека не постојат посебни причини поврзани со почитувањето на човековите права поради кои би било потребно понатамошно разгледување на предметот.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Советот на Европа