26 Јан Недостатоци во правната заштита на тајното следење довеле до повреда на членот 8 од Конвенцијата
Во предметот Екимџиев и други против Бугарија (жалба бр. 70078/12, 11.01.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот живот и преписката) од Европската конвенција за човекови права, во однос на тајниот надзор, како и повреда на член 8 во однос на задржувањето и пристапот до комуникациските податоци.
Предметот се однесуваше на тајниот надзор и системот на задржување и последователен пристап до комуникациските податоци во Бугарија. Жалителите тврдеа дека според системот за таен надзор во Бугарија, комуникациите на било кое лице во земјата може да бидат пресретнати, и дека според системот за задржување и последователен пристап до комуникациските податоци во Бугарија, властите можеле да пристапат до било чии комуникациски податоци во земјата.
Според главните релевантни законодавни акти (Законот за специјални средства за надзор од 1997 година и членовите 172 до 176 од Законот за кривична постапка), тајното следење е легално во Бугарија. Ова вклучува, меѓу другите методи, и визуелен надзор, пресретнување на телефонски и електронски комуникации и прислушување.
Судот утврди дека основите за надзор се утврдени со закон ги исполнуваат барањата на Конвенцијата, со исклучок на поимот „објекти“, кој бил недоволно јасен во контекст на значењето на делот 12 (1) од Законот за специјални надзорни средства од 1997 година. Тој утврди дека недостасува правилен судски надзор над одлуките за издавање налози. Во однос на складирањето, пристапот и уништувањето на податоците, Судот утврди дека недостатокот на јасна регулатива довел до ситуација во која податоците за тајниот надзор може да се користат за несоодветни (злонамерни) цели. Во врска со надзорот од страна на властите, Судот сметаше дека независноста на конкретното тело (Националното биро за контрола на специјалните средства за надзор) не можела да се гарантира.
Во однос на процесот за пристап до податоци, Судот забележа дека барањата не морале да содржат материјали кои би ги поткрепиле, а самите одлуки не морале да бидат образложени. Генерално, не постоела делотворна гаранција дека пристап бил одобруван само кога тоа било навистина неопходно и пропорционално во секој поединечен случај.
Во однос на известувањето, Владата не доставила доволно информации за новите процедури за заштита на податоци. Во отсуство на такви информации, Судот мораше да ја смета процедурата за известување за несоодветна. Бидејќи законите што го регулираат задржувањето и пристапот до комуникациските податоци не го исполнуваат условот за квалитет кој е поставен во Конвенцијата, властите не можеле да го ограничат таквото задржување и пристапот до она што е неопходно, што довело до повреда на членот 8.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права