Жалбата прогласена за недопуштена во предметот кој се однесува на блокирање на веб-сајтот на Википедија

Во својата одлука во предметот Викимедиа Фаундејшн, Инк. против Турција (жалба бр. 25479/19, 24.03.2022) Европскиот суд за човекови права, со мнозинство гласови, ја прогласи жалбата за недопуштена.

Предметот се однесуваше на барањето на Дирекцијата за телекомуникации и информатичка технологија за отстранување на одредени страници од веб-сајтот на жалителот и последователната наредба за блокирање на пристапот до целиот веб-сајт бидејќи не било технички изводливо да се блокираат само одредени страници.

Во конкретниот случај, мерката на која се жали фондацијата жалител, имено наредбата за блокирање пристап до веб-сајтот на Википедија, првично донесена од Дирекцијата за телекомуникации и информатичка технологија, управен орган, а подоцна и потврдена од надлежниот суд, била укината на 15 јануари 2020 година по известувањето за пресудата на Уставниот суд од 26 декември 2019 година. Првостепениот суд одлучил да ја укине наредбата за блокирање пристап до целиот веб-сајт на Википедија без одлагање. Поконкретно, Уставниот суд оценил дека блокирањето на пристапот до целиот веб-сајт е исклучителна мерка и ги наброил критериумите што треба да се применат при одлучувањето за таквите мерки. По разгледувањето на предметот тој, исто така, утврдил дека мерката изречена од управните и судските органи не била заснована на итна општествена потреба, не била поткрепена со доволно причини и истата претставува непропорционално мешање во правото на слобода на изразување.

Европскиот суд забележа дека во многу предмети кои се однесуваат на  слободата на изразување  тој има утврдено дека жалбата до Уставниот суд треба да се смета како правен лек кој треба да се исцрпи за целите на член 35 став 1 од Конвенцијата во однос на таквите жалби. Судот ја истакна системската природа на проблемот на кој се однесува овој предмет.

Сепак, тој немаше доволно релевантни информации за да утврди дека турскиот Уставен суд не е способен да го реши проблемот. Тој суд има донесено неколку пресуди во врска со блокирањето на веб-сајтови, утврдувајќи бројни критериуми што треба да ги следат националните власти и судовите повикани да ги испитаат наредбите за блокирање.

Европскиот суд заклучи дека во одлучувањето по индивидуалната жалба Уставниот суд во суштина утврдил повреда на членот 10 од Конвенцијата и доделил соодветна и доволна отштета за штетата претрпена од фондацијата жалител. Оттука, тој одлучи дека фондацијата жалител повеќе не може да бара признавање на статус на жртва и дека оваа жалба е некомпатибилна со одредбите на Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права