Извештај на ОБСЕ за процесирањето на воените злосторства во БиХ

На 28 јуни 2022 година, Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина (БиХ) го претстави извештајот насловен „Трка против времето: успеси и предизвици во спроведувањето на Националната стратегија на БиХ за процесирање воени злосторства“.

Извештајот ги истакнува главните достигнувања и пречки поврзани со процесирањето на воените злосторства во БиХ и дава препораки за различни релевантни чинители, со цел поефикасно и поправедно процесирање на преостанатите нерешени предмети.

После повеќе од 25 години од крајот на војната во Босна и Херцеговина (БиХ) од 1992 до 1995 година, речиси 500 предмети на воени злосторства, во кои се вклучени над 4.000 познати осомничени, остануваат нерешени во обвинителствата на земјата. Со сегашната стапка на обработка, ќе биде пропуштен рокот за процесирање на сите преостанати случаи до крајот од 2023, утврден во Ревидираната национална стратегија за процесирање на воени злосторства (Стратегија). Исто така, веќе не е претерано да се каже дека, со секој изминат ден, веројатноста да се оствари правда за преостанатите жртви на злосторствата извршени за време на војната се намалува, како резултат на смрт и болест на осомничени, обвинети, сведоци и жртви, како и на намалениот квалитет на доказите во поткрепа на обвиненијата.

Политичките фракции во БиХ и натаму го попречуваат целосното спроведување на Ревидираната национална стратегија за процесирање на воените злосторства, за што најочигледен доказ е неуспехот на Советот на министри на БиХ да го назначи Надзорното тело за следење на спроведувањето на Стратегијата. Бројни осомничени и обвинети престојуваат во странство и се недостапни за властите во БиХ, што бара значителни подобрувања на регионалната соработка за да се спречи само тоа едно прашање да доведува до застој на обработката на значителен број преостанати предмети. Долготрајните ограничувања на институционалните капацитети, особено во однос на поддршката и заштитата на сведоците и жртвите, и натаму го попречуваат напредокот. Конечно, доделувањето отштета на жртвите на злосторствата во рамките на кривичната постапка останува исклучок, а не правило.

Од друга страна, треба да се истакне дека е постигнат одреден напредок. Судовите во БиХ изрекоа пресуди во над 600 предмети на воени злосторства, а капацитетите на домашните институции несомнено се зајакнаа во текот на спроведувањето на Стратегијата, што претставува важно наследство коешто Мисијата се надева дека ќе се зачува.

Мисијата на ОБСЕ во БиХ ги повика сите домашни и меѓународни засегнати страни да дејствуваат бргу и да ги преземат сите можни чекори во рамките на своите овластувања, со цел да обезбедат ефикасно и праведно процесирање на преостанатите предмети на воени злосторства.

Беше забележано и дека, во текот на изминатата деценија, Европската унија вложи големи напори за да ѝ помогне на земјата ефикасно да се справи со заостанатите предмети на воени злосторства во рамките на судството на земјата. Благодарение на финансиската помош од ЕУ, почнувајќи од 2013 година, заостатокот е намален за речиси 60%.

Преземено од официјалниот веб-сајт на ОБСЕ