Тематски извештај за Правото на делотворно застапување во кривичната постапка и системот на назначување бранител по службена должност во Косово

Мисијата на ОБСЕ во Косово денес го објави својот најнов тематски извештај за: Правото на делотворно застапување во кривичната постапка и системот на назначување бранител по службена должност во Косово.

Опфаќајќи го периодот помеѓу 2020 и 2021 година, извештајот ги разгледува стандардите за застапување на одбраната и функционирањето на системот на назначување бранител по службена должност, со кој им се доделува бранител на обвинетите кои не можат да си дозволат адвокат.

Извештајот дава увид во рамките на политиките и законските рамки за обезбедување на застапување во одбраната и се потпира на наодите од анкетите со судии, обвинители и адвокати, за да се проценат некои од предизвиците и бариерите за делотворно застапување во кривичната одбрана во Косово.

Мисијата на ОБСЕ се залагаше за развој на сегашниот систем на назначување бранител по службена должност и со задоволство откри дека системот има корист од општата поддршка. Сепак, во извештајот, исто така, се истакнува и загриженоста во однос на стандардите на застапување во одбраната и се нагласува дека е важно сиромашните обвинети да имаат делотворно застапување по службена должност секогаш кога правното застапување е во интерес на правдата.

При претставувањето на извештајот, амбасадорот Мајкл Девенпорт, шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово рече: „Обезбедувањето правно застапување само по себе не го гарантира правото на делотворна одбрана. Потребните институции, правна рамка и процедури треба да се надополнат со култура на професионална одбрана, посветена на почитување на стандардите. Извештајот на ОБСЕ ја нагласува улогата на бранителот и важноста на неговото назначување по службена должност. Така, се надевам дека сега може да ја искористиме можноста за пошироки реформи во правосудството, со цел да ги зајакнеме бранителите во системот на кривичното правосудство“.

Извештајот наведува голем број препораки до клучните институции, вклучително и сеопфатна ревизија на постојниот систем, обезбедување насоки за обелоденување и пристап до списите на предметите, како и подобрена обука и квалификации на адвокатите кои се знимаваат со одбрана во кривичните предмети, особено оние кои работат по службена должност. 

Целосниот извештај е достапен на албански, српски и англиски јазик на веб-сајтот: https://www.osce.org/mission-in-kosovo/523952  

Преземено од официјалниот веб-сајт на ОБСЕ