Систематското објавување на лични податоци на даночните должници претставува прекршување на Конвенцијата

Во предметот Л.Б. против Унгарија (претставка бр. 36345/16, 09.03.2023) Европскиот суд за човекови права со 15 гласа „за“ и 2 „против“ оцени дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот и домот ) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на унгарската законодавна политика за објавување на личните податоци на даночните обврзници кои имале даночни долгови. Подносителот на претставката особено се пожали дека неговото име и домашна адреса биле објавени на списокот на „големи даночни должници“ на веб-сајтот на даночните власти во согласност со законските измени од 2006 година на релевантното даночно законодавство. Законските измени биле направени во 2006 година со цел да се вклучат даночните должници во програмата (шемата) за објавување. Поконкретно, делот 55(5) беше додаден на Законот за даночна администрација од 2003 година, според кој Даночната управа се обврзува да објавува листа на „големи даночни должници“, вклучувајќи ги и личните податоци на оние чии даночни долгови надминуваат 10 милиони унгарски форинти во временски период подолг од 180 дена.

Судот утврди дека изменетата програма (шема) за објавување била систематска, без да се постигне рамнотежа меѓу јавниот интерес за обезбедување даночна дисциплина и правата на приватност на поединците на кои се однесувала. Поконкретно, Парламентот не ги проценил претходните програми (шеми) за објавување и нивното влијание врз даночните обврзници ниту расправал во однос на тоа каква дополнителната вредност би донела изменетата програма  (шема) од 2006 година. Иако државите – договорни страни имаа широка дискреција („широко поле на слободна проценка“) при проценката дали таквата шема е неопходна за да се обезбеди наплата на даноците, таквата дискреција не е неограничена ниту надвор од опсегот на контрола на Судот. Судот, сепак, забележа дека според Законот за даночна администрација од 2003 година не се барало такво урамнотежување на спротивставените интереси за кои станува збор. Всушност, унгарската Даночна управа немаше дискреционо право да провери дали е неопходно да се објават личните податоци на даночните обврзници. Во оние случаи во кои даночниот долг бил неподмирен 180 дена во континуитет, задолжително и систематски било должникот да биде идентификуван по име и домашна адреса и да биде додеден на списокот објавен на веб-сајтот на Даночната управа.

Згора на тоа, темите како што се заштитата на податоците, ризикот од злоупотреба од страна на пошироката јавност на домашната адреса на даночниот должник или достапноста на овие податоци преку интернет на светско ниво биле земени предвид во мала мера или воопшто не биле земени предвид. Затоа Судот не беше задоволен, и покрај широката дискреција која ја уживала тужената држава да одлучи за ваквите прашања, одлучи дека причините на законодавецот во Унгарија за донесување на изменетата програма (шема) за објавување на податоци, иако релевантни, не биле доволни да покажат дека мешањето во правата на подносителот било „неопходно во едно демократско општество“ .

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права