
Вовед
Ми претставува задоволство да бидам тука со вас во Дубровник на Осмиот регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа. Ова е за мене втор Форум за владеење на правото како Претседател на Европскиот суд (и конечно сум во регионот!). Сакам срдечно да им се заблагодарам на AIRE Центарот и на Civil Rights Defenders што ја подготвија оваа богата програма и што донесоа многу актуелни и поранешни судии на Судот на едно место.
Темата која беше избрана минатата година беше пандемијата и нејзината поврзаност со Европската конвенција за човекови права. Оваа година вашите дискусии ќе ги посветите на еднакво значајна тема, која е тесно испреплетена со владеењето на правото: независноста и непристрасноста на судството. Всушност, постои поврзаност помеѓу пандемијата и независноста на судството, на што ќе се осврнам подоцна во мојот говор.
Одржувањето на независноста на судството беше приоритетна тема на неодамнешното грчко и германско претседателство со Комитетот на министри при Советот на Европа. Причината за овој политички фокус е очигледна.
Владеењето на правото сега е под притисок во некои од нашите демократии во Европа (а впрочем и низ целиот свет), со примери на директни или индиректни предизвици со кои се соочува независноста на судството. Ова стана дел од културата на „демократското уназадување“ на кое бевме сведоци во последните години.
Судот во Стразбур има развиено богата судска пракса за оваа тема заедно со правото на правично судење од ‘независен и непристрасен суд воспоставен со закон’. Поконкретно, добивме жалби (апликации) од домашните судии во кои тие истакнуваат жалбени наводи за дисциплински постапки, разрешувања и деградирања согласно членовите 6, 8 и 10 од Конвенцијата. Сите тие се доста значајни и политички осетливи случаи. За многу од овие случаи се дискутираше за време на Форумот.
Во голем број од моите говори како Претседател на Судот се имам осврнато на фузионалната поврзаност помеѓу владеењето на правото и независноста на судството.
Во моето денешно излагање, би сакал да ја согледам темата од еден друг агол, обидувајќи се да разберам зошто судството сега е на удар. Второ, ќе дадам некои конкретни предлози за градење на обратна стратегија, за надминување на овие предизвици.
Владеење на правото под притисок
На онлајн симпозиумот организиран од Diritti Comparati во април оваа година како одговор на мојот труд „Владеењето на правото како ѕвезда-водилка на Европската конвенција за човекови права: Судот во Стразбур и независноста на судството“, во воведниот дел беше доста јасно истакнато: „Владеењето на правото во Европа е под притисок“.
Независноста на судството, како камен-темелник на владеењето на правото, само по себе стана мета на некои нелиберални демократии.
Зошто ги гледаме овие напади врз независноста на судството?
Како што ни е на сите познато, судството е една од трите гранки на власта на секоја демократска држава. Ефикасно, непристрасно и независно судство е составен дел на еден функционален систем на демократска контрола и рамнотежа.
Улогата на судството еволуираше во текот на последните децении со тоа што се мултиплицираше бројот на предмети кои се наоѓаат пред судовите, а судиите беа повикани да одлучуваат за прашања кои се од политичка, социјална и економска важност. Може да се каже дека судскиот систем започна да игра сѐ повaжна улога во општеството. Во исто време јавноста донесе предизвици и за законодавната власт и за нејзините постапки. Како резултат на тоа, судството сѐ повеќе ќе мора да ги оценува постапувањата на двете други гранки на државната власт.
Ако ја земеме пандемијата како пример, во последните 18 месеци, националните судови се соочија со голем број предизвици поради постапувањата на извршната власт. Пандемијата доведе до значајни ограничувања не само за нашите граѓански и политички права, туку и за нашите економски, социјални и културни права. Особено беа погодени ранливите групи. Домашните судии се соочија со тешката задача да осигураат дека кризата со јавното здравје не беше искористена од извршната власт како изговор за прекршувања на човековите права. Потребен е баланс кој е тешко да се постигне за да се обезбеди јавната безбедност, од една страна, и уживањето на фундаменталните права и слободи од друга страна.
Не сите одлуки донесени од судовите ќе бидат уважувани од владите, а искушението јавно да се произнесат против непопуларните одлуки може да биде уште поголемо. Тука гледаме како судската независност се вкрстува со пандемијата.
Ако ја проанализираме улогата на судовите во контекст на доаѓањето на популистичките влади, ќе видиме дека е можно да се создаде тензија. Популистичките влади можат да изразат нетрпеливост кон институционалната контрола и рамнотежа која ја обезбедува судството. Тоа може да резултира со искушение да се ослабат или заменат независните компоненти на власта, како што се судството или институцијата Омбудсман. Судиите можат да бидат на мета на политичарите или медиумите заради креирањето на нивните политики или проширувањето на нивната улога. Примери не мора да бараме многу далеку, некои доаѓаат дури и од нашите добро воспоставени демократии.
Уставните судови се особено ранливи на удар. Зошто? Бидејќи откако тие ќе ослабнат, самата институција која има улога да ги спречи идните прекршувања на уставните права веќе нема да биде во состојба да ја исполни нејзината темелна функција.
Меѓународните структури за човекови права, како што се меѓународните судови, се исто така ранливи на удар од истите причини. Европската конвенција за човекови права може да биде перцепирана од страна на некои влади како пречка на патот на конкретните владини цели, на пример, дека е строга кон криминалците или кон намалувањето на миграцијата. Овие популистички влади потоа ги претставуваат меѓународните договори за човекови права како тие да стојат на патот на националниот суверенитет.
Стратегии за зајакнување на независноста
Значи, тоа е мојата дијагноза; сега што е со лекот?
Можеби се чувствуваме немоќно за да се соочиме со нападите врз судството, бидејќи решението – почитувањето на поделбата на власта – се чини дека лежи исклучиво во рацете на извршната власт.
Сепак, би сакал да истакнам некои потенцијални стратегии што можат да помогнат во зајакнувањето на судиската независност.
Мојата прва поента се заснова на Судскиот онлајн форум организиран од AIRE Центарот во Босна и Херцеговина пред неколку месеци. Во моeто излагање ја потенцирав потребата од промовирање на подобро разбирање на работата на судиите во нашите демократии.
Судовите можат да се обидат проактивно да влијаат врз обликувањето на надворешното опкружување до кое допираат нивните пресуди. Ова може да биде во облик на зголемување на свесноста на јавноста за значајноста на нивните пресуди преку соопштенија за медиумите или преку социјалните медиуми. Теренските активности, како што се посетите во судот, може да ги зголемат легитимитетот и влијанието. Информациите директно пренесени од судовите, исто така, можат да помогнат во спротивставувањето на лажните информации што ги шират популистите. Од фундаментално значење е да се осигура дека јавноста разбира зошто независните судови се суштински важни во една демократија.
Второ, самите судии можат на пропорционален начин да го искажат своето мислење против владините реформи. Во врска со прашањето за слободата на изразување на судиите, Судот во Бака против Унгарија [ГСС] истакна дека „прашањата што се однесуваат на функционирањето на судскиот систем спаѓаат во јавен интерес и расправата во врска со тоа генерално ужива висок степен на заштита согласно членот 10. Дури и ако прашањето за кое се расправа има политички импликации, тоа само по себе не е доволно за да се спречи судијата да се произнесе по ова прашање. Прашањата поврзани со поделбата на власта може да опфатат многу важни теми во едно демократско општество за кои јавноста има легитимен интерес да биде информирана и кои спаѓаат во опсегот на политичката расправа “.
Мојата трета поента се фокусира на судиската етика. Независноста и интегритетот се две страни на една иста паричка. Кога судиите не ги исполнуваат високите стандарди за интегритет кои се очекуваат од нив, разбирлива е недовербата на јавноста . Затоа, етичките принципи на професионално однесување се од суштинско значење. Самиот Суд неодамна ја ажурираше сопствената Резолуција за судска етика од 2008 година за да одговори на новите предизвици на 21 век, како што е присуството на судиите на социјалните медиуми.
Мојата четврта поента е инспирирана од работата на Консултативниот совет на европските судии на Советот на Европа и особено Мислењето Бр. 23 (2020) за улогата на здруженијата на судии во поддршка на судската независност . Во ова мислење, КСЕС ги повикува земјите-членки да обезбедат рамка во која правото на судиите на здружување ќе може ефективно да се остварува. Една од најважните цели на здруженијата на судии е да ја воспостават и да ја одбранат независноста на судиите штитејќи го нивниот статус и настојувајќи да им се обезбедат соодветни услови за работа, како и да го поттикнат и подобрат владеењето на правото.
Мојата петта и последна поента се однесува на судиската обука. Судиите кои добиле одлична обука за принципите на Конвенцијата и судската пракса на Судот се подобро подготвени да се соочат со нападите врз нивната независност и непристрасност. Ова е причината поради која Судот и неговиот регистар соработуваат со програмата HELP на Советот на Европа, која обезбедува материјали за обука за европското право за човековите права, често поставувајќи ги стандардите не само на Европската конвенција, туку и на Повелбата за фундаменталните права на Европската Унија. Тоа е важно, бидејќи како што наведов на друго место, постои симбиотска врска помеѓу Стразбур и Луксембуршкиот суд за прашањата поврзани со владеењето на правото. Важноста на обуката е и причината зошто Mрежата на Врховните судови, формирана од Судот пред шест години, исто така, организира семинари за суштински аспекти на судската пракса на Судот.
Заклучок
Владеењето на правото е повеќе од серија процедурални права. Тоа претставува еден од темелите на една ефективна и значајна демократијаи се наоѓа во сржта на основните вредности на Советот на Европа и Европскиот суд.
Темелната улога на судството во една демократија е да го гарантира постоењето на владеењето на правото и на тој начин, да обезбеди соодветна примена на правото на непристрасен, правичен, фер и ефикасен начин.
Судството, исто така, игра клучна улога во самиот Конвенциски систем, дејствувајќи како еден од нашите партнери за усогласување, применувајќи ја Европската конвенција како судија во Стразбур од прва инстанца. На Конвенцискиот систем му е потребна силна и независна заедница од судии за човекови права.
Се обидов да го фокусирам вториот дел од моето излагање на можните одговори, бидејќи иако ситуацијата во Европа е крајно загрижувачка, ние не сме немоќни да одговориме на истата.
Со нетрпение очекувам да ги слушнам излагањата на другите говорници и утрешните дискусии за чекорите напред во оваа област.
Ви благодарам многу!