Водењето евиденција за преписката на затворениците на судски ИТ сервер било спротивно на Конвенцијата

Во предметот Нух Узун и други против Турција (жалба бр. 49341/18 и 13 други жалби) Европскиот суд за човекови права одлучи

  • едногласно, дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот /право на почитување на препирската) од Европската конвенција за човекови права;
  • со мнозинство гласови (6 гласа „за“ и 1 „против“), дека утврдувањето на повреда само по себе претставува доволна правична отштета во однос на нематеријалната штета претрпена од жалителите.

Предметот главно се однесуваше на поставувањето на кореспонденцијата на жалителите на серверот на националната правосудна мрежа (Ulusal Yargı Ağı Bilişim Sistemi – „UYAP“) додека тие биле во притвор.

Судот сметаше дека приватната кореспонденција на жалителите може да содржи лични информации кои спаѓаат во рамките на заштитата на нивниот приватен живот. Кога станува збор конкретно за личните податоци, од суштинско значење е да се има јасни, детални правила кои го регулираат опсегот и примената на таквите мерки, заедно со минималните заштитни мерки насочени кон зачувување на интегритетот и доверливоста на податоците и процедурите за нивно уништување, со цел да им се обезбедат на засегнатите лица доволно гаранции. Судот утврди дека поставувањето на преписката на притворените и осудените затвореници на серверот UYAP произлегува директно и конкретно од упатството издадено од Министерството за правда на 10 октомври 2016 година, кое било повторно издадено на 1 март 2017 година. Тој нагласи дека ова упатство било наменето за јавните обвинители и затворските власти.

Според тоа, станувало збор за необјавени внатрешни документи кои начелно немале обврзувачка сила. Според мислењето на Судот, текстовите од овој вид, кои не биле издадени од тело кое има овластување за донесување акти/правила, не може да се сметаат за „закон“ со доволен „квалитет“ за целите на судската пракса на Судот. Следствено, мешањето во правото на жалителите на почитување на нивниот приватен живот и преписка не може да се каже дека било „во согласност со законот“ во смисла на член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права