18 Фев Зголемување на закани упатени до новинарите во БиХ
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Десир, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, г-дин Брус Бертон, ги осудија заканите упатени кон новинарите во Босна и Херцеговина.
Во февруари 2019 година, главниот и одговорен уредник на информативната програма на јавниот сервис (БХРТ), Марко Радоја, добил писмо со заканувачки пораки, вклучувајќи и закани по неговиот живот.
Според извештаите на медиумите, Аднан Јашарспагиќ, новинар на ФТВ и сопственик на интернет порталот Visoko.co.ba, поднесе тужба против две лица поврзани со еден локален висок функционер поради заканите кои тие лица му ги упатиле преку социјалните медиуми.
Покрај тоа, новинарката Милкица Милојевиќ од дневниот весник Еуроблиц, кој има седиште во Бања Лука, добила закани преку телефон. Според достапните информации, полицијата повела истрага за овој случај и го уапсила осомничениот.
“Овие закани против новинарите се неприфатливи, и како такви, мора да се осудат на највисоко ниво. Властите во Босна и Херцеговина мораат повеќе да се потрудат на новинарите да им обезбедат безбедност во извршувањето на нивната работа”, изјави претставникот Десир, изразувајќи надеж дека сите случаи на закани ќе бидат предмет на истражна постапка и дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
“Јасно е дека од почетокот на годината е забележано зголемување на бројот на закани и инциденти чија мета се новинарите, што претставува загрижувачки тренд. Надлежните органи мораат да ги преземат сите потребни мерки за да создадат опкружување во кое ќе постојат навистина слободни и независни медиуми, како и за да престане заплашувањето на новинарите. “, рече амбасадорот Бертон.
“За да се овозможи демократски развој на земјата од суштинско значење е новинарите да бидат безбедни во секој момент и неказнувањето на нападите врз нив да не прерасне во вообичаена појава”, рече претставникот Десир.
Претставникот Десир ги потсети земјите-членки на ОБСЕ на нивната обврска во потполност да ја почитуваат одлуката на Советот на министри на ОБСЕ за безбедноста на новинарите, усвоена во Милано во декември минатата година.
Преземено од официјалниот сајт на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ)