25 Јул Извештај на ГРЕТА за третата рунда на евалуација на Босна и Херцеговина
Во својот извештај за третата рунда на евалуација на спроведувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за борба против трговијата со луѓе, објавен на 28.6.2022 година, Групата експерти за борба против трговијата со луѓе (ГРЕТА) ја поздравува подобрената законодавна рамка и рамката на политики на борбата против трговија со луѓе на Босна и Херцеговина. Изменети се одредбите за криминализација на трговијата со луѓе во Кривичниот законик на Република Српска, а воведена е и одредбата за неказнување. Понатаму, Советот на министри ја усвои Стратегијата за борба против трговијата со луѓе за периодот 2020-2023 година, како и Акционен план за нејзино спроведување. Исто така, четирите Регионални мониторинг тимови на кои им беше доверена координацијата на активностите за борба против трговијата со луѓе беа преструктурирани и беа формирани 18 помали координативни тимови. Властите поставија и статистички портал за жртвите на трговија со луѓе. Сепак, ГРЕТА повикува на зајакната примена, особено во однос на пристапот на жртвите до правда и до ефективни правни лекови.
Во извештајот, заснован на посетата на ГРЕТА на земјата во септември минатата година и информациите обезбедени од властите и граѓанското општество, се забележува дека повеќето од 306-те потенцијални жртви на трговија со луѓе, идентификувани во периодот 2017-2021 година, биле деца искористувани за питачење. ГРЕТА ги повикува властите да ја зајакнат превенцијата на трговија со деца, вклучително и преку обезбедување соодветна финансиска поддршка на дневните центри за деца кои живеат на улица.
ГРЕТА нагласува дека, веднаш штом ќе се идентификува потенцијална жртва на трговија со луѓе, властите треба да ѝ обезбедат правна помош и упатства во поглед на правото на правно застапување. Покрај тоа, ГРЕТА смета дека жртвите треба да имаат ефективен пристап до пазарот на трудот и да им се обезбеди стручна обука и вработување, за да се поттикне нивната социјална и економска вклученост.
Пристапот до отштета и натаму ретко се остварува и ГРЕТА ги повикува властите да се погрижат жртвите на трговија со луѓе да добијат одлука за отштета од сторителот како дел од кривичното судење, како и да воспостават државен механизам за надомест на штета.
ГРЕТА го поздравува усвојувањето на конкретни законски одредби за неказнување на жртвите на трговија со луѓе во сите јуриздикции за прекршоци сторени како резултат на трговија со луѓе, но ја истакнува потребата од изготвување насоки и обезбедување обука на полициските службеници и обвинителите за спроведување на овие одредби.
Бројот на кривични гонења и пресуди за трговија со луѓе и натаму е мал, при што на сторителите генерално им се изрекуваат казни под законскиот минимум. Според експертската група за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа, ова бара зајакнување на одговорот на кривичното правосудство, за да се обезбедат ефективни, пропорционални и превентивни санкции.
Властите, исто така, треба да им обезбедат на трудовите инспекторати доволен кадар и ресурси, за да можат да играат ефикасна улога во првите линии на спречување на трговијата со луѓе заради трудова експлоатација и идентификација на жртвите.
Извештајот за третата рунда на евалуација на Босна и Херцеговина може да го најдете на следната адреса: https://rm.coe.int/greta-evaluation-report-bosnia-and-herzegovina-3rd-evaluation-round/1680a70b3b
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права