Одлука за недопуштеност на жалба во предмет кој се однесува на правото на преведувач во кривична постапка

Европскиот суд за човекови права едногласно донесе одлука за недопуштеност на жалбата во предметот Пула против Северна Македонија (жалба бр. 48835/13 од 6 јуни 2019 година) во врска со доделувањето на преведувач во кривична постапка.

Жалителот Зенелабедин Пула е албански државјанин кој живее во Тирана. Во 2004 година тој учествувал во сообраќајна несреќа во Северна Македонија, која резултирала со смрт на друг возач. Во 2006-та година, истражен судија го побарал извештајот за несреќата. За време на судењето во Северна Македонија, кое се одвивало на македонски јазик, извештајот за несреќата е прочитан наглас и на подносителот на жалбата му била доставена копија од истиот. Покрај тоа, тој добил и судски преведувач за албански јазик. Во април 2010-та година, првостепениот суд го прогласил жалителот за виновен и го осудил на осум месеци затвор. Оваа одлука била потврдена во жалбена постапка. Г-дин Пула поднел вонредна жалба за преиспитување на одлуката до Врховниот суд, изјавувајќи дека на 3 февруари 2010-та година не му бил доделен преведувач пред првостепениот суд. Врховниот суд ја потврдил одлуката на пониските судови, изјавувајќи дека е огигледно од списите на предметот и белешката дадена од судијата дека е направена грешка во записникот од 3 февруари 2010 година и дека на жалителот всушност му бил доделен преведувач на сите судски рочишта во дадениот предмет.

Потпирајќи се особено на член 6, став 1 и 3 (д) (право на правично судење/право на преведувач) и член 13 (право на делотворен правен лек), г-дин Пула се жалел на тоа што извештајот од 2006-та година и пресудата од првостепениот суд не биле преведени на албански јазик, како и дека му било ускратено правото на преведувач/толкувач на едно од рочиштата.

ЕСЧП утврди дека жалителот не изнел ниту едно тврдење/наод за недостаток на превод на албански јазик во жалбената постапка, ниту во неговото барање за вонредно преиспитување на судската пресуда. Неговите наоди се однесувале на недостаток на преведувач/толкувач на едно од рочиштата во неговиот предмет. Сепак, судијата на првостепениот суд доставил белешка во која објаснува дека записникот за тоа рочиште бил погрешен и дека, на тој ден, жалителот всушност добил толкувач. Затоа ЕСЧП заклучи дека жалбата на г. Пула е очигледно неоснована.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права