01 Ное Отфрлањето на тужбата за утврдување татковство поднесена надвор од временскиот рок не претставувала прекршување на Конвенцијата
Во предметот Лаванчи против Швајцарија (жалба бр. 69997/17, 19.10.2021), Европскиот суд за човекови права, со мнозинство (односно со пет гласа за и два против), оцени дека немало повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на одбивањето на швајцарските судови да дозволат исклучок од временскиот рок утврден со домашното право (една година од денот на навршување полнолетство) за покренување тужба со цел утврдување на правен однос родител-дете, и на последователното отфрлање на тужбата на жалителката во која се барало врската со нејзиниот биолошки татко да биде евидентирана во граѓанскиот регистар. По раѓањето на жалителката во 1964 година, таа била запишана во матичната книга на родените како дете на непознат татко и била ставена под старателство на надлежниот орган (General Tuteur Général). На 25-годишна возраст, жалителката решила да го пронајде својот татко и успеала во тоа. Жалителката и нејзиниот татко развиле поблиски односи. Меѓутоа, таа никогаш не побарала од Г.К. да направи ДНК тест или да добие формална потврда на татковството, бидејќи се плашела со тоа да не ја наруши нивната врска. По смртта на нејзиниот татко во 2013 година, жалителката добила известување да се појави на отворањето на неговиот тестамент, каде што дознала дека таа не била законски признаена како негова ќерка. Во 2014 година таа повела граѓанска постапка за воспоставување правен однос родител-дете, барајќи Г.К. да биде признаен како нејзин татко. Резултатите од ДНК тестот покажале дека тој навистина бил нејзиниот биолошки татко.
Сепак, швајцарските судови забележале дека за време на неговиот живот Г.К. фактички го признал татковството уште во 1995 година која била регулирана издршката на детето по судска спогодба во постапката за утврдување на татковството според која Г.К. се согласил да ѝ исплаќа издршка на жалителката и дека жалителката не покренала постапка во рок од една година по навршувањето полнолетство (член 263, став 1 од Граѓанскиот законик).
Жалителката сметаше дека швајцарските власти не го признале постоењето на „валидна причина“ за непочитувањето на временскиот рок и дека со тоа било прекршено нејзиното право на почитување на приватен живот.
Судот забележа дека одлуките на швајцарските судови биле внимателно образложени и дека притоа била земена предвид судската пракса на Судот. Поконкретно, судовите идентификувале неколку точки за време на нејзиниот живот кога таа можела да покрене разгледување на деталите за нејзините родители во матичните книги и да побара информации за чекорите што требало да се преземат, дури и по истекот на временскиот рок. Оние согледувања ги навеле судовите да заклучат дека немало оправдување за неактивноста на жалителката во периодот од 31 година.
Според тоа, Судот смета дека доцнењето од страна на жалителката во покренувањето на постапката за воспоставување правен однос родител-дете, како што забележале домашните судови, не може да се смета за оправдано од гледна точка на судската пракса на Судот. Оттука, швајцарските судови не потфрлиле во исполнувањето на својата обврска да постигнат правична рамнотежа меѓу интересите на различните страни во овој предмет.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права