29 Ное Системот на задолжително верско образование не е во согласност со Конвенцијата
Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1 (право на образование) од Европската конвенција за човекови права, толкувано во светло на членот 9 (слобода на мислење, совест и вера) во Папагеоргију и други против Грција (жалба бр. 4762/18 и 6140/18 од 31 октомври 2019 година) ).
Предметот се однесуваше на обврската за посетување на верска настава во грчките училишта.
Жалителите се пет грчки државјани, родители и деца, кои живеат на малите грчки острови Милош и Сифнос. Според грчкиот устав и другите законодавни прописи, како што е Законот за образование и разните министерски решенија, верското образование е задолжително за сите ученици во основното и средното образование.
Во јули 2017 година, жалителите побарале од Врховниот управен суд да поништи две неодамна донесени решенија на Министерството за утврдување програма за верско образование за учебната 2017/18 година. Жалителите побарале нивниот предмет да биде разгледан по итна постапка пред почетокот на новата учебна година, но Врховниот управен суд ги отфрлил нивните тврдења заради неважност на предметот.
ЕСЧП истакна дека властите немаат право да ги обврзуваат поединците да ги откријат своите верски убедувања. Сепак, постојниот систем во Грција за ослободување на децата од часовите по верско образование бара од родителите да приложат формална изјава во која се изјаснуваат дека нивните деца не се православни христијани. Овој услов подразбира дека родителите мора да откријат информации од кои би можело да се заклучи дека тие и нивните деца не се православни христијани. Покрај тоа, таквиот систем дури би можел да ги одврати родителите од поднесување на барање за изземање на нивните деца од веронаука, особено во случаите како што е оној на жалителите, кои живеат на мали острови каде што огромното мнозинство на населението е религиозно, а ризикот од стигматизација е многу поголем.
Истакнувајќи дека властите немаат право да се мешаат во сферата на индивидуалната совест, верата на поединците, ЕСЧП утврди дека дошло до повреда на член 2 од Протоколот бр. 1 во светло на член 9 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот вeб сајт на Европскиот суд за човекови права