09 Дек Товарот на докажување во постапката за надомест на штета за убиство на воен затвореник е на властите
Во предметот Баљак и други против Хрватска (жалба бр. 41295/19, 25.11.2021) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 6 став 1 (право на правична судска постапка) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на отфрлањето на тужбеното барање на жалителите за надомест на штета против државата од страна на домашните судови со образложение дека тие не успеале да докажат дека државата е одговорна за смртта на нивниот роднина. На 5 август хрватската армија ја вратила контролата врз градот К, како дел од најавената воена кампања „Операција Бура“ во рамките на хрватските власти, чија цел била враќање на контролата врз дел од хрватската територија окупирана од српските паравоени сили од 1991 година. Истиот ден, роднината на жалителите, С.Б (син, брат и внук), бил заробен од хрватските војници во едно село во близината. Тој бил сместен во подрум заедно со уште 20-тина лица. Следниот ден тој и уште неколку мажи биле одведени од хрватските војници на непозната локација. Жалителите никогаш повеќе не слушнале за него. Во 2002 година неговото тело било пронајдено во гроб со прострелна рана на главата, заедно со телата на другите мажи кои биле одведени заедно со него. Се чини дека не била отворена истрага за околностите на исчезнувањето или смртта на С.Б.
Судот повтори дека тој веќе има утврдено во голем број предмети дека лицата кои исчезнале по нивното приведување од страна на војници би требало да се сметаат за мртви, па оттаму државата е одговорна за нивната смрт. Тој веќе утврдил дека во такви ситуации товарот на докажување лежи на властите да дадат задоволително и убедливо објаснување дека жртвата преживеала или починала во различни околности.
Немаше кривична истрага за исчезнувањето и убиството на роднината на жалителите, ниту пак осудителни пресуди. Вината за тоа не можеше да биде кај жалителите. Во согласност со судската пракса на Судот, во тие околности постоела силна претпоставка за каузалност помеѓу исчезнувањето и убиството на С.Б. Товарот на докажување дека хрватските војници незаконски не го убиле бил кај на властите.
Судот утврди дека заклучокот што го донеле домашните судови при отфрлањето на тужбеното барање – дека жалителите не успеале да докажат дека хрватските војници го убиле С.Б. и дека за неговото убиство не може да биде исплатена воена отштета – било очигледно неразумно, земајќи ги предвид околностите на предметот и судската пракса на Судот. Домашните судови на жалителите им наметнале недостижен стандард на докажување, што беше особено неприфатливо со оглед на тежината на делата за кои станува збор. Според тоа, во овој предмет дошло до повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата.
Судот понатаму сметаше дека жалбата на жалителите која се однесуваше на наредбата на домашните судови тие да ги платат трошоците за застапување на државата во граѓанската постапка било преуранета и го отфрли тој ден како недопуштен.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права