Вознемирување на интернет како облик на семејно насилство

Во предметот Бутуруга против Романија (жалба бр. 56867/15 од 10/02/2020), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно утврди дека дошло до кршење на член 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување) и член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот и преписката) од Европската конвенција за човекови права (ЕСЧП) затоа што државата не успеала да ги исполни своите позитивни обврски кои произлегуваат од тие одредби.

Предметот се однесуваше на обвиненија за семејно насилство и нарушување на доверливоста на електронската преписка на жалителот, г-ѓа Бутуруга од страна на нејзиниот поранешен сопруг, како и на недостатоците во системот за заштита на жртвите од овој вид насилство.

Повикувајќи се конкретно на член 3 (забрана на мачење и нечовечко или понижувачко постапување) и член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот и преписката), г-ѓа Бутуруга се жалеше на неефективноста на кривичната истрага за семејно насилство. Таа, исто така, се жалеше дека не ú била адекватно осигурана личната безбедност и го критикуваше одбивањето на надлежните органи да ја разгледаат нејзината жалба за кршење на доверливоста на преписката од страна на нејзиниот поранешен сопруг. 

ЕСЧП конкретно утврди дека националните власти не се осврнале на кривичната истрага во контекст на конкретното прашање за семејно насилство, и дека, со тоа не успеале да дадат соодветен одговор на сериозноста на фактите на кои се жалеше г-ѓа Бутуруга.

Истрагата за насилните дејствија имала недостатоци и не била земена предвид основаноста на жалбата во врска со кршењето на доверливоста на преписката, која била тесно поврзана со жалбата за насилство. Во таа пригода, Судот истакна дека вознемирувањето на интернет во моментот е препознаено како аспект на насилство врз жени и девојчиња и дека истото може да се јави во различни облици, како што се: прекршувањата на приватноста на интернет, упадите во компјутерот на жртвата, како и преземањето, споделувањето и манипулирањето со податоците и сликите, вклучувајќи ги и приватните податоци.

Сепак, во конкретниот предмет националните судови донеле одлука дека жалбата на г-ѓа Бутуруга во врска со наводното кршење на доверливоста на нејзината преписка не била поврзана со суштината на предметот и дека податоците објавени на социјалните мрежи биле јавни. Кога станува збор за ваквите тврдења,  надлежните органи требало да ја испитаат нивната основаност со цел сеопфатно да се согледа феноменот на семејното насилство во сите негови облици.

Како резултат на тоа, Судот заклучи дека националните власти не ја испитале основаноста на тврдењата на жалителката дека нејзиниот поранешен сопруг незаконски ја пресретнал, прочитал и зачувал нејзината електронска комуникација. Тие не усвоиле процедурални мерки за собирање докази за да се утврди вистинитоста на фактите или нивната правна класификација. Оттаму, властите биле премногу формалисти при отфрлањето на каква било врска со семејното насилство кое г-ѓа Бутуруга веќе го пријавила, и на тој начин, не ги зеле предвид разните облици на семејно насилство. Значи,  државата не ги исполнила своите позитивни обврски според членовите 3 и 8 од Конвенцијата, заради што Судот констатирал повреда на тие одредби.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права