15 Ное Дисциплинската постапка против судија поради критикување на судството не било во согласност со Конвенцијата
Во предметот Мирослава Тодорова против Бугарија (жалба бр. 40072/13, 26.10.2021 година) Европскиот суд за човекови права, со мнозинство гласови, оцени дека:
- со пет гласа „за“ два „против“ нема повреда на член 6 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права;
- едногласно, повреда на член 10 (слобода на изразување) од Конвенцијата, и
- едногласно, повреда на член 18 (ограничување на употребата на ограничувања на правата) во врска со член 10.
Предметот се однесуваше на две дисциплински постапки против жалителката, која бил судикаи претседателка на Здружението на судии на Бугарија во конкретниот временски период. Врховниот судски совет (ВСС) наредил намалување на нејзината плата, по што следувало нејзино разрешување поради доцнење во постапките кои таа ги водела.
Судот забележа дека дисциплинските постапки пред ВСС се состоеле од голем број процедурални гаранции. Така, жалителката знаела за обвиненијата против неа и можела лично да се појави пред Дисциплинскиот одбор и да приложи докази во своја одбрана. Судот забележа дека Врховниот управен суд имал јурисдикција да разгледува какви било фактички прашања за кои сметал дека се релевантни, како и правната квалификација на дисциплинските прекршоци о кои се доведуваат во врска со дејствијата или пропустите на жалителката.
Во однос на постапката пред Врховниот управен суд, Судот утврди дека не станува збор за недостаток на независност или непристрасност од страна на тој суд и дека нема повреда на другите аспекти на правичноста на постапките, па соодветно на тоа, не утврди повреда на член 6.
Имајќи ја предвид суштинската важност на слободата на изразување за прашањата од јавен интерес, како што се функционирањето на судството и потребата од заштита на неговата независност, Судот сметаше дека дисциплинската постапка против жалителката и изречените санкции претставувале мешање во остварувањето на нејзиното право на слобода на изразување кое не било „неопходно во едно демократско општество“ при остварувањето на легитимните цели наведени во член 10 од Конвенцијата. Имајќи ги предвид сите факти во овој предмет, Судот заклучи дека главната цел на дисциплинската постапка против жалителката и на санкциите кои ѝ биле изречени од страна на ВСС не била да се обезбеди почитување на временските рокови за завршување на предметите, туку да ја казни и заплаши поради нејзините критики упатени кон ВСС и извршната власт.
Судот сметаше дека разрешувањето наложено од ВСС и непосредното извршување на таа санкција имало неспорно застрашувачки ефект врз жалителката, а исто така и врз другите судии, одвраќајќи ги од изразување на критички мислења за работењето на ВСС, или поопшто, за прашања кои се однесуваат на независноста на судството.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права