16 Сеп Еуропрајд „откажан“ во Белград: ограничувања на правото на слобода на собирање
Српската влада треба веднаш да ја укине забраната за настаните на Еуропрајд закажани за Белград во септември 2022 година, соопшти „Хјуман рајтс воч“ на 1 септември 2022 година. Наместо тоа, властите треба да соработуваат со организаторите за да обезбедат соодветна безбедност за учесниците.
На 27 август, претседателот Александар Вучиќ објави дека владата го откажува Еуропрајд, регионален настан кој промовира еднаквост на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите (ЛГБТ) лица, на кој Србија требаше да биде домаќин од 12 до 18 септември, со марш во 17 септември. Претседателот призна дека потегот е „кршење на правата на малцинствата“, но ја оправда својата одлука со заканите од десничарските групи дека ќе го нарушат настанот и зголемените тензии на границата со Косово. Премиерката Ана Брнабиќ, лезбејка која е првата жена на оваа позиција, го поддржа откажувањето, велејќи дека „првата неприкосновена работа е да се обезбеди мир и стабилност во земјата“.
Соопштението на владата уследи по демонстрациите на илјадници луѓе на 27 август во Белград, кои се спротивставија на настаните на Европрајд, со пароли како „Да ги спасиме нашите деца и нашето семејство“. „Одлуката на српската влада да го откаже Еуропрајд е срамно предавство и имплицитно санкционирање на нетрпеливоста и заканите за противправно насилство“, рече Грем Рид, директор на програмата за правата на ЛГБТ лицата во „Хјуман рајтс воч“. „Веќе се одржаа улични протести на екстремно десничарски групи и верски субјекти. Сега Србија има обврска и да ги обезбеди безбедноста и достоинството на учесниците на Еуропрајд“.
Организаторите посочиле дека не добиле формално известување за забрана и имаат намера да го одржат настанот според планот. „Претседателот Вучиќ не може да откаже туѓ настан“, рече Кристине Гарина, претседателка на Асоцијацијата на организатори на Еуропрајд. Српската влада, откако ги забрани парадите на гордост во периодот помеѓу 2011 и 2013 година, од 2014 година дозволува паради во Белград, кои беа мирни. Уставниот суд на Србија веќе ги имаше укинато ваквите одлуки против парадите.
Оправдувањето на српските власти за откажување на Еуропрајд 2022 има неверојатна сличност со аргументите на Русија за забраната на маршеви на ЛГБТ лица, со образложение дека тие може да доведат до насилни судири со контрадемонстрантите. Европскиот суд за човекови права го отфрли тој аргумент во предметотАлексеев против Русија во 2010 година како повреда на правото на мирно собирање.
Преземено од официјалниот веб-сајт на „Хјуман рајтс воч“