Земањето примероци на ДНК не било во согласност со член 8 од Конвенцијата

Во предметот Драган Петровиќ против Србија (жалба бр. 75229/10, 14.04.2020) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека не дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права во однос на полицискиот претрес на станот на жалителот, и со шест гласа наспроти еден утврди дека дошло до повреда на член 8 од Европската конвенција како резултат на земањето на примерок на ДНК од плунката на жалителот.

Предметот се однесуваше на полициски претрес на станот на жалителот и земање примерок од ДНК во рамките на истрага за убиство.

Поточно, Судот утврди дека налогот за претрес бил доволно конкретен и за време на самиот претрес биле преземени соодветни и ефективни заштитни мерки против злоупотреба. На пример, жалителот, неговиот адвокат и сопственикот на станот биле присутни при претресот.

Сепак, Судот утврди дека земањето на примерок на ДНК значело мешање во правото на жалителот на приватен живот. Фактот што тој дал согласност за постапката не бил од важност бидејќи тој го сторил тоа под закана дека во спротивно со сила ќе се земе примерок од плунка или крв. Судот истакна дека наредбата за земање на примерок на ДНК не се однесувала на никаква законска одредба, додека според релевантниот член од Законот за кривична постапка, член 131 §§ 2 и 3, судот може да нареди да се земе примерок од крв или да се извршат „други медицински постапки“ доколку истото се смета за медицински неопходно за утврдување на фактите „кои се значајни“ за кривичната истрага. Покрај тоа, според списите на предметот, надлежните органи не успеале да подготват службена евиденција за постапката, така кршејќи го членот 239 од Законот за кривична постапка.

Судот, исто така, забележа дека во член 131 §§ 2 и 3 недостасувале различни заштитни мерки поврзани со земањето на примероци на ДНК, кои потоа биле воведени во изменетиот Законот за кривична постапка во 2011 година. Овие нови заштитни мерки вклучуваат конкретна референца за земање на брисеви од уста, обврска да се користи стручно лице за спроведување на постапката и ограничување на опсегот на луѓе од кои може да се земаат брисеви од уста без согласност. Оттука, Судот сметал дека со воведувањето на подетални одредби во Законот во 2011 година, тужената држава сама имплицитно ја признала потребата за построга регулатива во оваа област.

Судот заклучи дека мешањето во приватниот живот на жалителот со земање на примерокот на ДНК не било во согласност со законот и дека овде дошло до повреда на член 8.

Преземено од Европскиот суд за човекови права