Извештајот на Европската комисија за Србија 2019 година – дел кој се однесува на статусот на Ромите во Република Србија

Во извештајот на Европската комисија за Србија за 2019 година, ЕК наведува дека повеќето Роми во Србија се во матичната евиденција, но потенцира дека треба да се следи постапката за евидентирање на новородени деца чии родители немаат лични документи, а треба да се изменат и дополнат и подзаконските акти. 

На овој начин, Европската комисија се приклучи на значителен број меѓународни организации и договорни тела, кои исто така укажаа на овој проблем во своите извештаи и ú препорачаа на Србија да овозможи евидентирање на секое новородено дете веднаш по раѓањето. Слични препораки претходно ú беа дадени на Србија од страна на Советот за човекови права на ООН, Комитетот за човекови права на ООН, Комитетот за правата на детето на ООН и Комитетот за економски, социјални и културни права на ООН.Минатата година, и Европскиот парламент ја повика  Србија да овозможи целосно остварување на правото на навремено евидентирање на новородени деца, а Србија се обврза да ги исполни целите на ООН за одржлив развој; меѓу другото, и обезбедувањето на правен идентитет за сите, вклучувајќи ја и евиденцијата на новородените деца.

Сите овие препораки беа изготвени заради двата подзаконски акти кои ја регулираат постапката за евидентирање на новородени деца кои го спречуваат евидентирањето веднаш по раѓањето на деца чии мајки немаат лични документи. На овој начин, во Србија се крши правото на дете на евидентирање во матичните книги веднаш по раѓањето, што е загарантирано и со ратификуваните меѓународни конвенции и со Уставот и законот на Србија. Во толкувањето на одредбите од Конвенцијата на ООН за правата на детето, УНИЦЕФ наведува дека евидентирањето во матичните книги „веднаш по раѓањето“ подразбира краен рок од неколку дена, а не месеци. Сепак, во Србија овие постапки траат долго, во некои случаи дури и повеќе од половина година.

Овој проблем во Србија скоро исклучиво влијае на ромското етничко малцинство бидејќи голем број жени Ромки сè уште немаат лични документи.

Конечно, извештајот на ЕК за Србија за 2019 год. укажува и на други проблеми со кои се соочува ромското население во Србија, на тешката општествена положба на Ромите и јазот што постои меѓу нив и мнозинското население. Така, меѓу другото, се вели дека скоро 60% од девојчињата од ромските населби стапуваат во брак на рана возраст. Исто така, се вели дека правото на родителски додаток зависи од тоа дали се децата вакцинирани. Само 12,7% од ромските деца ги примиле сите препорачани вакцини додека овој процент кај децата кои не се Роми изнесува 70,5%. Во извештајот се истакнува дека значително помалку ромски деца одат во градинка и дека драстично помалку ученици Роми го завршуваат училиштето, споредено со децата кои не се Роми. Во извештајот се дадени и податоци кои покажуваат повисока стапка на невработеност кај Ромите, споредено со остатокот од популацијата, а исто така се нагласува и недоволната застапеност на Ромите во јавната администрација.

Преземено од официјалниот вебсајт на Праксис